Архивска фотографија од 01.04.2020 г. | Мета.мк

Поради ниските температури, голомразица и остатоци од кашест снег, сообраќајот низ патиштата во државата утринава се одвива отежнато. Целосна забрана за сите видови мотрони возила има на патот меѓу селата Ранковце и Герман, а за неколку други патни правци има забрана за движење за тешки товарни возила, информираа од Авто-мото сојузот на Македонија утринава. 

Од 09:10 часот утрово укината е забраната за сообраќај на тешки товарни возила на патниот правец Битола – Ресен, преку планинскиот премин Ѓавато, од 09:30 часот, исто така, укината е и забраната за сообраќај на тешки товарни возила на патниот правец Крива Паланка – граничен премин Деве Баир. Останува забраната за тешки товарни возила во правец од Дебар кон Струга, а во спротивната насока, укината е забраната.

Поради остатоци од снег на коловозот, забрани за тешки товарни возила има на патниот правец: Прилеп–Кавадарци, преку Плетвар, на патот Тетово–Попова Шапка има забрана за сообраќај за тешки товарни возила и автобуси, крак Маврово–Дебар  забраната за сообраќај е за тешки товарни возила со приколка. 

Од АМСМ потсетуваат за законската обврска за задолжително носење на зимска опрема во возилата, без оглед на моменталната временска состојба, која важи од 15 ноември до 15 март. Препорачуваат приспособена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Тоа посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.