Амбасадорот Лосон ѝ даде честитка на Сиљановска Давкова од Кралот Чарлс Трети

Претседателката истакнала дека нашата држава придава особено значење на развојот на пријателските односи и соработката со Обединетото Кралство, вклучувајќи го сојузништвото во НАТО алијансата

Фото: Кабинет на претседстелката Гордана Силјановска Давкова

Претседателката Гордана Сиљановска Давкова денеска се сретна со Метју Лосон, амбасадорот на Обединетото Кралство на Велика Британија и Северна Ирска, соопштуваат од нејзиниот кабинет. Лосон ѝ предал честитка од Кралот Чарлс Трети по повод нејзиното стапување на функцијата, во која упатува честитки за нејзиниот избор.

„Уверен сум дека ќе го вложите целиот Ваш капацитет за време на Вашиот мандат како Претседател за справување со големите предизвици на нашето време, почнувајќи од справувањето со климатските промени до продлабочувањето на евроатлантската интеграција на Северна Македонија. Многу сум задоволен што нашите две земји имаат воспоставено цврсти трговски и безбедносни односи. Оттука, се надевам дека за време на Вашиот мандат како Претседател односите, кои се веќе толку блиски, уште повеќе ќе се продлабочат“, наведено е во честитката од Кралот Чарлс Трети.

Лосон и Сиљановска Давкова зборувале за билатералните односи меѓу двете држави, а претседателката истакнала дека нашата држава придава особено значење на развојот на пријателските односи и соработката со Обединетото Кралство, вклучувајќи го сојузништвото во НАТО алијансата.

„Таа посочи на нејзината подготвеност за натамошно унапредување на билатералната соработка со Обединетото Кралство во сите сфери од заемен интерес и истакна дека како држава особено ја цениме британската поддршка во исполнувањето на стратешката цел – членство во Европската Унија, која продолжи и по Брегзит“, наведено е во соопштението.