Велигденските празници го наполнија Охрид со туристи

Илјадници туристи го преплавија Охрид за време на велигденските празници. Најбројни се гостите од земјава, претежно од Скопје, додека од регионот, најмногу допатуваа од Грција. Импресивно беше да се доживее како поголеми групи гости, кои допатувале од Солун, зборуваат на македонски јазик.

Бројни гости допатуваа од Србија, Бугарија, Црна Гора, Словенија, Хрватска и од Романија. Првпат има групи од Израел, Турција, Украина, Русија и од Полска.

Една помала група се претстави дека преку Белград допатувала од Тајланд.

Според процените на хотелиерите, меѓу 60 и 70 отсто од хотелските и од угостителските капацитети во градот се исполнети.

Синоќа, Охрид во вистинска смисла беше вториот или балканскиот Ерусалим. Гостите, пред сè, тие од православниот свет, ги окупираа бројните цркви. Останаа до полноќ, кога со биењето на камбаните беше најавена радосната вест за воскресението Христово.

Илјадници верници ги посетија црквите и манастирите, а најмасовно беше одбележан во Светиклиментовиот храм „Св. Пантелејмон“ на Плаошник.

Празничната богослужба ја водеше митрополитот дебарско-кичевски, г. Тимотеј, кој им ги честита велигденските празници на многубројните верници.

Пред верниците беше прочитано велигденското послание на поглаварот на Македонската православна црква, г.г. Стефан, во кое тој повикува на мир, љубов, толеранција и на чување на верата.