Уставен го укина балансерот за вработување по национална припадност, куртулија оние кои веќе се вработиле

Од коалицискиот партнер Вреди (ВЛЕН) најавуваат дека наскоро официјално ќе биде предложен нов Закон за правична застапеност кој досега се претставуваше како решение со кое балансерот ќе се унапреди

Фото: Уставен суд

Уставниот суд на денешната 27. седница донесе одлука да го укине „балансерот“ – алатката за вработување според национална припадност во државните институции. Одлуката нема да важи ретроактивно, односно сите оние кои се вработиле преку оваа алатка остануваат на работа, без разлика дали Македонци се пишале како Албанци, Албанци се изјасниле за Македонци, или Турци се изјасниле како Срби само за да се вработат.

„Со оспорените одредби Законодавецот наметнува обврска на кандидатите за административни службеници во пријавата за вработување да се изјаснат за припадност на одредена заедница, со што директно се прекршува уставното загарантирано право на слободно изразување, односно неизразување за одредена национална припадност, односно припадност на заедница“, велат од Уставниот суд.

Уставниот суд веќе има одлучувано за вакви прашања и укина одредби од Законот за матичната евиденција и зазема став дека националната припадност е лично чувство на граѓанинот и како такво може да биде менливо, но и му остава право на избор на граѓанинот да се изјасни за својата припадност, или да не се изјасни.

Претседателот на судот, Дарко Костадиновски, рече дека неспорно е дека „балансерот“ предизвикал многу злоупотреби, но тоа што за него е важно е дека оваа одлука треба да биде поздравена од помалите заедници, а не „да треперат дека правата им се злоупотребени“.

„Помалите заедници се жртва на злоупотреба на овој механизам. Македонци се запишуваа како Албанци, Турци, Власи за да се вработат, а потоа по еден месец ќе го променат чувството на етничка припадност, што е исто така загарантирано со Устав. Со ваквиот пристап, ова одеше во штета на помалите етнички заедници“, рече Костадиновски.

Тој додаде дека ниту во Законот за вработените во јавниот сектор, ниту во Законот за административни службеници, не е пропишано дека податокот за припадност на заедница е општ или посебен услов за вработување, а во суштина е елиминирачки предуслов за пријавување на јавен оглас за вработување во јавниот сектор со што се прекршува уставно загарантираното право на слободно изразување на националната припадност.

„Ваквите законски решенија се спротивни на основните слободи и права на човекот и граѓанинот, слободата на изразување на националната припадност, на начин што правото на пријавување на јавниот оглас е ограничено на кандидатите за админстративни службеници кои припаѓаат на различна заедница од онаа наведена во јавниот оглас за конкретното работно место, а со тоа и спротивни со уставно загарантираното право на работа и слободен избор на вработување, уставната гаранција според која секому под еднакви услови му е достапно секое работно место, како што е утврдено во член 32 од Уставот“, рече Костадиновски.

Иницијативата за укинување на „балансерот“ во јануари ја поднесе претходниот состав на Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК). На 18 септември, уставните судии одлучија да отворат предмет и привремено ја „замрзнаа“ употребата на балансерот додека да се донесе денешната конечна одлука.

Во меѓувреме, како што пренесува Радио Слободна Европа, од коалицискиот партнер Вреди (ВЛЕН) најавуваат дека наскоро официјално ќе биде предложен нов Закон за правична застапеност кој досега се претставуваше како решение со кое балансерот ќе се унапреди.

Координаторот на пратеничката група на Вреди, Халил Снопче, за РСЕ изјавува дека без разлика на одлуката на Уставниот суд, тие ќе го предложат Законот.

„Тој е готов, драфтот го имаме. Можеме и денеска да го предложиме, но сакаме да направиме јавна дебата со професионалци и експерти за да ги земеме предвид нивните забелешки, да не направиме некое промашување бидејќи е чувствителен закон и да немаме грешки. Значи, целта е да се вклучат и експерти, па потоа да го предложиме. Не сакаме да правиме политичка кампања со тоа туку да го решиме проблемот“, вели Снопче и додава дека веројатно законот ќе биде предложен за 5-6 недели.