Агенцијата за пошти и АЕТМ потпишаа меморандум за борба против сивата е-трговија

Според претседателката на АЕТМ, Нина Ангеловска Станков, давателите на поштенски услуги можат да ги откријат нерегистрираните испраќачи бидејќи водат евиденција за податоците на испраќачот согласно насоките на Агенцијата за пошти

Фото: АЕТМ

Асоцијацијата за е-трговија и Агенцијата за пошти потпишаат Меморандум за соработка со цел да ја намалат сивата економија во е-трговијата и нерегистрираните онлајн продавачи. Меморандумот го потпишаа претседателката на АЕТМ, Нина Ангеловска Станков и директорот на Агенцијата за пошти, Сретен Миладиноски.

Според АЕТМ, нерегистрираните онлајн продавачи кои ги користат социјалните мрежи за продажба се нелојална конкуренција на регистрираните е-трговци кои што работат според закон.

Како што додаваат, поради несигурните производи и услуги што ги продаваат овие продавачи го нарушуваат угледот на секторот е-трговија со што се губи довербата на потрошувачите во онлајн купувањето. Тие реагираат и на неиздавањето на фискални сметки, како и неможноста секогаш да се остварат потрошувачките права за рефундација на средствата или замена за производите.

Претседателката на АЕТМ, Ангеловска Станков, посочува дека во овој контекст, давателите на поштенски услуги можат да ги откријат нерегистрираните испраќачи бидејќи водат евиденција за податоците на испраќачот согласно насоките на Агенцијата за пошти.

Оттука, Агенцијата за пошти најави дека ќе врши зголемени проверки врз работењето на давателите на поштенски услуги. Според соопштението од АЕТМ, Агенцијата ќе ги проверува пратките со откуп за кои се плаќа во готово при нивно преземање и ќе се препорачува безготовинско плаќање. Исто таа, Агенцијта за пошти ќе врши увид за правилно пополнување на адресниците и подобрување на податоците кои се прибираат за пратките од е-трговијата.

Според директорот, Сретен Миладиноски, Агенцијата за пошти, „како и до сега ќе продолжи да презема активности“ за намалување на сивата економија.

„Наш приоритет е креирање, одржување и развој на амбиент кој овозможува обезбедување на сигурни, квалитетни и модерни поштенски услуги за сите корисници,“ вели Миладиноски.

Како функционираат онлајн шопинг измамите: Ви продаваат погрешен производ, а потоа ве блокираат