Замрзнати 3,9 милијарди евра руски имот во Германија

Портпаролката на германското Министерство за финансии изјави дека станува збор за пари, акции и друг имот, како што се јахти, организации и фирми

Фото: Marcus Brandt/dpa

Досега во Германија е замрзнат руски имот во вредност од 3,9 милијарди евра, објави вчера Министерството за финансии и работи, пренесе германската новинска агенција дпа.

Портпаролката на министерството изјави дека станува збор за пари, акции и друг имот, како што се јахти, организации и фирми.

Минатиот јуни, од германската влада изјавија дека вредноста на замрзнатите руски средства е 5,2 милијарди евра.

Портпаролката ја објаснила разликата со флуктуациите на пазарот. На промената влијаело и тоа што Европската Унија во меѓувреме иззела одредени лица или организации од санкции.

Канцеларот Олаф Шолц претходно посочи дека заработката, како што е каматата на депонираните пари од управувањето со запленетите средства во Европската Унија ќе оди за купување оружје за Украина.

Во ЕУ, според податоците на Европската комисија, само руската централна банка замрзнала околу 210 милијарди евра.