Јавното обвинителство ќе добие нов електронски систем за управување со предметите

Парите за овој голем и сложен проект, во кој покрај Јавното обвинителство, се опфатени и неколку други институции, се обезбедени преку ИПА-3 програмата на Европската унија

Фото: Јавно обвинителство

Претставниците на проектот „ЕУ – Поддршка за владеење на правото“, денеска го информираа јавниот обвинител на Република Северна Македонија, Љупчо Коцевски, за планираните активности кои треба да се реализираат во рамките на овој проект во следниот период, информираат во Обвинителството.

„Во рамките на активностите на овој проект поврзани со информатичката технологија, фокусот на поддршката ќе биде насочен во изготвувањето на техничката спецификација за воспоставување на нов електронски систем за управување со предметите во Јавното обвинителство. Парите за овој голем и сложен проект, во кој покрај Јавното обвинителство, се опфатени и неколку други институции, се обезбедени преку ИПА-3 програмата на Европската унија“, информира Обвинтелството.

Јавниот обвинител ќе формира посебна работна група за дигитализација која ќе работи на утврдување на функционалните каратеристики во новиот систем.

„Домашни и меѓународни ИТ експерти од овој проект работат на надградба и на постојниот Лурис-систем за меѓународна правна помош. По завршување на надградбата, земјава ќе биде прва во регионот која ќе овозможи директно електронско поврзување на Лурис-системите во Јавното обвинителство и Министерството за правда“, се наведува во соопштението.