Израел: Ќе одговориме на иранскиот воздушен напад

Ќе ги оставиме Израелците да зборуваат за тоа. Ние не сме вклучени во нивниот процес на одлучување за потенцијален одговор, изјавил за новинарите портпаролот на Белата куќа

Фото: Официјална ФБ страна на Бенјамин Нетанјаху

Началникот на Генералштабот на израелската армија, Херзи Халеви, изјави дека Израел ќе одговори на иранскиот воздушен напад, но дека сè уште размислуваат кога и како ќе го направат тоа.

Иранскиот напад со проектили и беспилотни летала, рече Халеви – „ќе добие одговор“.

Неговата изјава била дадена за време на посетата на воздухопловната база Неватим, која, според Израел, претрпела мала штета во нападот.

Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху се состанал со државниот врв за да разговара за можен одговор.

Портпаролот на Белата куќа, Џон Кирби, одбил да каже дали САД биле информирани за плановите на Израел да одговори.

„Ќе ги оставиме Израелците да зборуваат за тоа. Ние не сме вклучени во нивниот процес на одлучување за потенцијален одговор“, изјавил Кирби за новинарите.

Императив е меѓународната заедница „да биде обединета во отпорот на оваа иранска агресија, која го загрозува светскиот мир“, напиша вчера израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху на социјалната мрежа X.

Нетанјаху додава:

„Директно и преку своите терористички посредници Хамас и другите, Иран спроведува целосна кампања на агресија што му се заканува не само на Израел, туку и на целиот Блиски Исток“.

Коментарите на Нетанјаху следуваат по иранскиот напад врз Израел во текот на викендот во кој беа лансирани повеќе од 300 проектили и беспилотни летала.

Од Техеран соопштија дека нападот бил последица на одмазда за смртоносниот израелски напад врз зградата на конзулатот во комплексот на иранската амбасада во Дамаск.

Во меѓувреме, како што пренесува Си-Ен-Ен, Хамас го намалил бројот на заложници што е подготвен да ги ослободи во текот на првата фаза од договорот за прекин на огнот. Во својот последен контрапредлог, Хамас понудил да ослободи помалку од 20 заложници во замена за шестнеделен прекин на огнот, што е преполовен број од 40 заложници кој бил основа на преговорите со месеци наназад. Ова, според Си-Ен-Ен, претставува значителен чекор назад во преговорите.