Грција ќе бара екстрадиција за убиецот на Орхан Бајрам – Оки во Ханиоти

33-годишниот Г.М. е во притвор во Скопје под сомнение за помагање на двојното убиство во „Шиша бар“

Грчката полиција пронашла 19 чаури, пиштол со придушувач и шаржер со пет куршуми во близина на местото на убиството | Фото: Грчка полиција

Расчистено е мафијашкото убиство што се случи минатото лето во вила во Ханиоти, информира денеска грчката полиција во соопштение. Истото лице, 33 годишниот Г.М. кој е веќе во притвор во Скопје зашто се сомничи за помагање на двојното убиство во „Шиша бар“, во Грција е осомничен за убиството на македонскиот бизнисмен Орхан Бајрами-Оки, кое се случи лани на 15 јули. Грчките служби информираат дека против Г.М. е распишана европска потерница и се преземаат потребните дејствија за негова екстрадиција во Грција.

„По детална истрага од страна на полициските службеници од одделот за безбедност Полигирос, со асистенција на одделот за кривични дела против животот и личната слобода на Управата за безбедност во Солун, откриени се деталите за странец кој лани во јули на Халкидики заедно со негов соучесник пукал и смртно ранил странец, негов сонародник и повредил друг сонародник“, наведено е во соопштението на грчката полиција.

Во раните утрински часови на 15 јули лани, на подрачјето на Халкидики, две лица, прикривајќи ги лицата, се приближиле до викендица и со употреба на огнено оружје го убиле Орхан Бајрами-Оки, а го повредиле неговиот 45-годишен соработник.

На оддалеченост од неколку стотина метри од куќата и во непроодна област со грмушки, пронајден е пиштол со придушувач и шаржер со пет куршуми, како и волнена капа и пар ракавици | Фото: Грчка полиција

„Од истражувањето што го извршија екипи на подирекцијата за криминалистички истраги на Северна Грција и Полициската управа на Халкидики, надвор од куќата биле пронајдени и одземени 19 чаури. Истрагата ја идентификуваше рутата по која тргнале сторителите при нивното бегство. На оддалеченост од неколку стотина метри од куќата и во непроодна област со грмушки, пронајден е пиштол со придушувач и шаржер со пет куршуми, како и волнена капа и пар ракавици. Лицето Г.М. е уапсено и останува во притвор во својата земја, како осомничен за учество во убиството на две лица, што се случило лани во март во С. Македонија“, наведено е во полицискиот извештај.