Бугарија ја отфрли таксата за пренос на руски гас која ја воведе во октомври

Потегот на бугарската влада доаѓа откако претходно унгарскиот премиер Виктор Орбан се закани дека ќе стави вето за влезот на Бугарија во Шенген зоната. Официјална Софија се обидува да ги реши отворените прашања со Унгарија, Австрија и Холандија за да ги расчисти пречките за влез во Шенген зоната

Фото: Doris Morgan on Unsplash

Набрзо откако во октомври годинава соопшти дека ја воведува таксата од 20 бугарски лева за мегават часа за пренос на руски гас низ нејзината територија, бугарската влада се одлучи да ги суспендира таксите за транзит на руски гас што минуваат низ нејзината територија, пишува Медиапул.бг.

Бугарските медиуми информираат дека воведената такса за транзит на руски гас не само што нема да важи во иднина, туку и ретроактивно се укинува за изминатиов период откога истата беше воведена од бугарската влада. Ова практично значи дека државната компанија „Булгартрансгаз“ нема да го наплати акумулираниот долг од транзитот на руски гас во висина од 272 милиони лева. Притоа, оваа такса досега никој ја нема подмирено како финансиска обврска, иако е воведена на 13 октомври.

Таксата за руски гас ги вжешти политичките односи во Бугарија, Бектеши ја коригира изјавата

Инаку, Македонија, Србија и Унгарија реагираа на воведувањето на таксата за пренос на рускиот гас низ бугарска територија и до Европската Комисија со назнака дека овие земји ќе бидат директно погодени од оваа такса. Бугарскиот министер за финансии Асен Василев тогаш изјави дека штети од воведувањето на ваквиот надоместок нема да има за овие земји.

Потегот на бугарската влада доаѓа откако претходно унгарскиот премиер Виктор Орбан се закани дека ќе стави вето за влезот на Бугарија во Шенген зона. Официјална Софија се обидува да ги реши отворените прашања со Унгарија, Австрија и Холандија за да ги расчисти пречките за влез во Шенген зоната.

Од бугарската влада информираат дека имплементацијата на таксата за пренос на руски гас ја работат заеднички со Европската комисија и кога од таму ќе го обезбедат механизмот за спроведување, тогаш таа ќе биде повторно воведена. Тие сега информираат дека сите европски земји треба да се усогласат меѓусебно за воведување на такса за пренос и дистрибуција на рускиот гас, за да има негативен ефект врз Русија која ја започна воената агресија врз Украина.