Напуштањето на миленици во Хрватска ќе се казнува со затвор до една година

Првпат во Хрватска напуштањето животни се третира како кривично дело за кое може да се изрече затворска казна

Фото: Мета.мк

Напуштањето на животните наскоро би требало да стане кривично дело со затворска казна до една година, пишува Јутарњи лист.

Тоа ќе биде дел од новиот пакет измени на Кривичниот законик, кој веќе една година го пречистува работната група на Министерството за правда и администрација. Oд документите на работната група која работи на новиот закон, како што пишуваат хрватските медиуми, се гледа дека во овој пакет измени Министерството одлучило да работи на зајакнување на заштитата на животните, со што напуштањето на животните се третира како кривично дело.

Првпат во Хрватска напуштањето животни ќе се третира како кривично дело за кое може да се изрече затворска казна. Во моментов тоа е само составен дел на Законот за заштита на животните, за кој е предвидена казна до 30.000 куни (245.000 денари).

Покрај новото кривично дело, Министерството за правда и администрација планира да направи дополнителен чекор во зајакнувањето на казнено-правната заштита на животните, па предлагаат и зголемување на затворските казни за убивање или мачење животни.

Предлогот е тој што ќе убие животно без оправдана причина или го малтретира, му нанесе непотребна болка или го изложува на непотребно страдање ќе се казни со затвор до две години (во моментов казната е до една година), а доколку кривичното дело е сторено од личен интерес, се предлага казна затвор до три години.