Наредната година 1.000 лекари ќе се обучуваат во најреномирани странски болници

Во текот на наредната година, околу 1.000 нови лекари и друг медицински персонал од Македонија ќе бидат испратени на обука во најреномирани болници во странство. Од нив, околу 800 се лекари, а останатите техничари и помал број медицински сестри.

– Само за јануари годинава се планира 100 нови лекари и медицински персонал да заминат на обука. Планираме таа динамика да се задржи до крајот на годината за да се реализира програмата. Се трудиме што поголем број од нив да заминат во високо развиените медицински центри. Годинава, 29 доктори беа во медицинскиот центар „Роналд Реган“ во Лос Анџелес, а догодина ќе настојуваме да испратиме двојно повеќе. Имаме соработка со болницата во Нирнберг, во Хамбург, одлична соработка имаме со Клиничкот центар во Љубљана – рече на отворената владина седница министерот за здравство Никола Тодоров.

Тој додаде и дека Министерството е со тенденција да воведе уште една новина, а тоа се таканаречени фокусирани односно напредни обуки.

– Идејата е да одбереме пет области и тоа операција на колено, дигестивна хирургија, офтамологија, неонатологија и ендокринохирургија. Тоа се пет области во коишто ќе склучиме договор со некои од најпознатите центри во Европа за овие интервенции и да испратиме таму најмалку по тројца лекари. Тие ќе престојуваат една година таму, ќе изведуваат интервенции и ќе работат со пациенти. По враќањето, тие треба да дојдат во Македонија заедно со својот ментор, да го воведат новиот метод овде и да едуцираат најмалку уште двајца во текот на годината потоа. Во текот на втората година, менторот треба повторно да дојде во Македонија и да изврши евалуација на квалитетот на едукацијата што ја направиле докторите, кои претходно биле обучени во странство – рече министерот Тодоров.