Александар Чичаковски (ДИК): Не разговарам со новинари

Европратеникот Ричард Ховид и еврокомесарот за проширување и за соседска политика, Јоханес Хан, добиле две различни изјави за подготвеноста и за состојбата на Државната изборна комисија за изборите планирани за 24 април.

Сакајќи да дознаеме која од двете изјави е точна и дали претседателот на ДИК, Александар Чичаковски, на двајцата европски претставници им дал различни мислења, го побаравме на телефон. Тој само кусо ни одговори: „Не разговарам со новинари“.

По завршувањето на вчерашните маратонски средби на лидерите на четирите најголеми политички партии потписнички на Договорот од Пржино со Хан и со претставници на меѓународната заедница, премиерот Никола Груевски во изјава за новинарите рече дека Хан им соопштил дека бил информиран од претседателот на ДИК дека нема никакви пречки за изборите да се одржат на 24 април.

– Комесарот Хан јасно ни кажа дека претседателот на ДИК го известил дека не постојат никакви пречки за одржување на изборите на 24 април – изјави вчера Груевски.

Од друга страна, Ховит на прес-конференцијата што во вторникот ја одржа заедно со европратениците Иво Вајгл и Едвард Кукан рече дека во разговорот што го имале со претседателот на ДИК им било предочено дека постои големо ниво на импровизација.

– Имам две завршни поенти. Во разговор со претседателот на ДИК ни е кажано, дека во насока на остварувањето на обврските од Договорот од Пржино на одредено ниво сè уште се импровизира. Ова создава загриженост за кредибилитетот на претстојните избори. И второ, ние стоиме за целосно почитување на Договорот од Пржино, и тоа е во интерес на демократијата во Република Македонија и на европските и евроатлантски аспирации на земјата, а може да оствари и позитивно влијание за решавање на разликите со името – рече Ховит.