ВМРО-ДПМНЕ бара анкетна комисија за „Фабрика за афери“

ВМРО-ДПМНЕ бара да се формира нова анкетна комисија за случајот „Фабрика за афери“, потврди Илија Димовски, координаторот на ВМРО-ДПМНЕ.

Според владејачката партија, оваа комисија треба да одговори на прашањето зошто МВР не реагирало навреме и каква е суштината во комуникацијата меѓу министерот Спасовски и осомничените.

Според ВМРО-ДПМНЕ, предлог-одлуката е речиси идентична како и одлуката за формирање комисија за прислушувањето.

– Сите знаеме дека десетина дена Македонија живее во можеби најголемиот политички скандал, кога кај неколку лица беа пронајдени повеќе од 120.000 украдени идентитети, огромен број фалсификувани лични карти, голем број фалсификувани пасоши како од Република Македонија, така и од Република Бугарија и од Република Турција. Пронајдени се повеќе од 70.000 прислушувани разговори и цела низа документи за кои Јавното обвинителство веќе потврди дека како информации се точни – рече Димовски.

Тој смета дека во оваа ситуација Собранието на Република Македонија има суштинска надлежност да го истражи целиот случај и да подготви документација врз база на која понатаму ќе се постапува.

Од владејачката партија побарале и претседателот на Собранието, Трајко Вељаноски, да свика седница на која ќе се разгледува извештајот од внатрешната контрола во ДБК.

Како што велат од ВМРО-ДПМНЕ, нивното барање е затоа што претседателот на Анкетната комисија за скандалот со прислушувањето не сакал да закаже седница на комисијата и покрај барањето на членовите на ВМРО-ДПМНЕ.

Шилегов на ова вели дека СДСМ и тој, како претседател на Анкетната комисија, нема со ништо да дозволат, Собранието на Република Македонија да стане партиска подружница на ВМРО-ДПМНЕ и да биде исполнител на желбите на Никола Груевски.

 

– Анкетната комисија и СДСМ нема да бидат верификатор на криминалот и на незаконитоста на работењето на Груевски. Ова се однесува на двете барања кои ВМРО-ДПМНЕ денеска ги достави, едно до претседателот на Собранието за свикување седница на Анкетната комисија за скандалот со прислушуваните разговори и друго за формирање на некаква си нова комисија за таканаречената „фабрика за афери“, која не е ништо друго туку е евтин пропагандистички трик на ВМРО-ДПМНЕ – изјави Шилегов.