Груевски во Охрид го означи почетокот на изградбата на затворениот пливачки базен

Премиерот Никола Груевски денеска во Охрид свечено го означи почетокот на изградбата на затворениот пливачки базен. Новиот објект се гради во рамките на спортско-рекреативниот центар „Билјанини извори“, каде во летните месеци веќе се користи отворен пливачки базен.

– Комплексот ќе располага со два базени, еден за непливачи и за деца, а другиот ќе биде со ватерполо-димензии – рече премиерот Груевски.

Градоначалникот на Охрид, Никола Бакрачески, истакна дека со изградбата на затворениот базен се исполнува деценискиот сон на охриѓани. Тие добиваат модерен спортски објект кој ќе ги задоволи потребите на граѓаните.

За базенот владата ќе потроши 298 милиони денари, а рокот на изведба е 30 месеци од почетокот на работата.

Затворениот пливачки базен ќе има два базени, фитнес-клуб, продавница за спортска опрема, комерцијален простор, кафуле, центар за здрав живот и магацински простор.

Во објектот ќе има трибини со капацитет поголем од 500 седишта, посебен простор за новинари, фоторепортери и за камермани, како и ложа која ќе биде отворена и со можност за затворање во случај кога ќе треба да се користи, доколку во објектот престојуваат важни гости на спортски натпревари.