Жителите од Боговиње пак протестираа против одлуката со водоводот да управува Општината

Жителите од Боговиње и денеска се сообраа пред општинската зграда да го изразат своето несогласување со одлуката со водоводот да стопанисуваат општинските власти. Тврдат дека локалната власт сака насила да им го земе водоводот, кои сами и со свои пари го изградиле.
– Ние сакаме да преговараме со градоначалникот на Општина Боговиње околу оваа проблематика, но тој постојано нè избегнува. Затоа сме принудени да протестираме и нема да се откажеме од нашите барања – изјави Бујар Мисими, жител на Боговиње.
Градоначалникот на Општина Боговиње, Хазби Идризи, кој присуствуваше на првиот протест против селскиот водовод, кој се одржа на почетокот од минатиот месец, на жителите им посочи дека законот налага со водоводите да управуваат општинските власти.
Со селскиот водовод во Боговиње сега управуваат неколку здруженија. Велат дека нема да отстапат од нивните барања со водоводниот систем да менаџираат и во иднина.