ВМРО-ДПМНЕ ги покани Заев и Царовска на седницата за мигрантите и за бегалците

Пратениците на опозициската ВМРО-ДПМНЕ и од Коалицијата за подобра Македонија денеска повторно ги повикаа премиерот Зоран Заев и министерката за труд и социјална политика, Мила Царовска, да присуствуваат во Собранието на јавната расправа за владината стратегија и за акцискиот план за мигрантите, бегалците и за странците за периодот од 2017 до 2027 година.

„Ова е втор повик и покана до премиерот Зоран Заев и до министерката за труд и социјална политика, Мила Царовска, да дојдат, да се појават и да дадат одговори пред пратениците за овие долгорочни и стратешки документи за следните 10 години, кои ја засегаат цела Македонија и голем број општини во целата земја. Во јавноста има сериозни дилеми, прашања и незадоволство за стратегијата и за акцискиот план за мигранти, бегалци и за странци и токму затоа ги повикуваме Заев и Царовска да ја објаснат и да ја образложат својата силна поддршка за оваа стратегија, која е важна за сите граѓани во Македонија“, се вели во соопштението.

Од партијата наведуваат дека Македонија, со оваа владина стратегија, од транзитна земја за мигрантите, ќе стане земја за трајно сместување и за траен престој на голем број лица од голем број земји.