Вечерва е Стара нова година, во Вевчани почнува карневалот

Според Јулијанскиот календар, по кој се водат МПЦ-ОА, СПЦ и РПЦ, вечерва се дочекува Новата година, кај народот позната како Стара нова година. Првиот ден на новата година е познат како Василица, кога многумина празнуваат домашна слава, а оние кои го носат името на Свети Василиј го слават и својот именден. Некои семејства, слично како и за време на бадниковата вечера, кршат погача со паричка. Се верува дека на оној што ќе му падне, му претстои среќна и исполнета година.

По повод православната нова година и празникот Обрезание Господово и Свети Василиј Велики, утре во храмовите на Македонската православна црква ќе биде служена света Василиева литургија.

Преминот од старата во новата година според Јулијанскиот календар е и времето кога во Вевчани се одржува познатиот карневал, кој има традиција стара 14 векови. Карневалот почнува денеска во 13 часот, кога ќе се одржи дефилето на маските, а вечерва, Чалгија саунд систем, Џамбо Агушев оркестар и Блага Петреска ќе ги забавуваат василичарите и гостите на Вевчани.

Кулминацијата на настанот е утре сретсело со василичарско оро на околу илјада маски. Карневалот ќе заврши попладнето со традиционалното палење на маските.