Вајнрајт: Можни се нови терористички напади во Европа

Директорот на Европол, Роб Вајнрајт, денеска во Рим предупреди дека во Европа најверојатно ќе се случи нов терористички напад од голем обем.

– Заканата од терористички напади и понатаму е особено голема, најсериозна од 11 септември и стравувам дека во иднина ќе бидат можни нови напади во Европа – рече Вајнрајт во обраќањето пред комитетот за Шенгенскиот договор на италијанскиот парламент.

Вајнрајт додаде дека Европол нема информации за конкретни закани за Италија.

– Знаевме дека Исламска држава воспоставува нова командна структура во Сирија и оти се планираат напади на европски градови и тогаш, за жал, се случи Брисел – наведе шефот на Европол.

Вајнрајт истакна дека затоа е приоритет да се идентификуваат активностите на другите терористички мрежи во Европа.