Туристичката понуда на Македонија треба да се прилагоди на барањата на помладите

„Она што е тренд во светот и на кое Македонија треба позначајно да работи е дигитализацијата на туризмот“, изјави претседателот на Туристичко-угостителската комора (ТУК) при ССК, Аркан Керим.

Тој додаде дека помладата генерација има специфични потреби за комуникација, потрошувачка и за туристичко доживување.

„Влијанието на технологиите е огромно, од виртуелната до фактичка реалност. Туристите дизајнираат свој патувачки пакет, ги користат услугите и сообраќајот и функционираат на поголем радиус. За краток период обиколуваат повеќе дестинации“, ијзави Керим.

Според него, за поголем развој на туризмот во Македонија, потребно е секоја општина да формира туристичка организација.

„Општинските власти и сите чинители на туризмот во таа општина: локални хотелиери, агенции, ресторани, треба да се обединат и да работат во заеднички настап на трети пазари, за привлекување што повеќе туристи. Така можеме да зборуваме за регионален туристички развој, бидејќи според податоците на државниот завод за статиска во нашата земја, Скопје е најпосетувана туристичка и бизнис-дестинација од страна на странските туристи“, изјави Керим.

Тој додаде дека туристичките работници сметаат дека домашната политичка состојба, треба да се реши без турбуленции.

„И најмал инцидент, може целосно да нè изолира во наредните пет години. Од друга страна, влијанието на надворешните фактори, исто така, може да се одрази негативно врз секторот, како мигрантската криза која се очекува да се интензивира по референдумот во Турција на 16 април“, рече Керим.