Талевска го загуби спорот за клевета против Шилегов

Ивона Талевска, главната уредничка на дневниот весник „Вечер“, го загуби судскиот спор по тужбата за клевета и за навреда што ја поднесе против Петре Шилегов, портпаролот на СДСМ.

Од уредничката на „Вечер“ побаравме реакција за пресудата, но не добивме, а Шилегов на својот „Фејсбук“ напиша:

„Да не бидам погрешно и лошо разбран: Првостепената пресуда со ’мечката од пештера’, не ми значи ништо. Повеќе би сакал да го видам македонското судство да одговори на своите законски обврски и предизвици кога се во прашање кривичните предмети против злосторничкото здружение кое го сочинува раководство на ВМРО-ДПМНЕ. Тогаш ќе може да зборуваме за право и правна држава. До тогаш, нема застанување“.

Талевска ја поднесе тужбата за прес-конференциите на кои Шилегов го обелодени договорот на фирмата „Визарис“, сопственост на мајката на Талевска, со Министерството за здравство за набавка на медицинска опрема во вредност од еден милион евра.

„Во поткрепа на фактот дека не само што не постои клевета ниту навреда како и повреда на личните права на чест и на углед на тужителката, во случајот од изведените докази не произлегува дека на тужителката ѝ е нанесена штета од страна на тужениот, па судот ценеше да го одбие тужбеното барање како неосновано“, пишува во пресудата.

Судијата ја задолжи Талевска да му исплати судски трошоци на Шилегов во износ од  55.838 денари.