!На 1 февруари 2017 година, заврши промотивниот период на слободно користење на содржините на „Мета“. Во периодот што претстои го воведуваме новиот систем за пристап и за претплата. За начинот на пристап и за претплатата ќе информираме дополнително

Борисов предупреди дека е можен терористички напад по немирите во бегалскиот камп


Софија, 25 ноември, 2016 - 15:48 (META) 

Состојбата во бегалскиот камп во Харманли на југот на Бугарија се нормализира по безредијата и немирите, кои избувнаа вчера и продолжија во текот на ноќта. Повеќе од 400 мигранти се задржани во притвор поради вандалско однесување, а во нередите се повредени 24 полицајци, од кои најтешко настраданиот има скршеница на раката.

Од Министерството за внатрешни работи на Бугарија соопштија дека се формирани две предсудски постапки за лицата кои учествувале во нередите.

Бугарскиот премиер во оставка, Бојко Борисов, кој ноќеска за време на немирите пристигна во бегалскиот камп, соопшти дека против сите што учествувале во безредијата ќе бидат поднесени обвиненија.

Тој повика и предупреди да се внимава на повиците за напади и на она што се објавува на социјалните мрежи бидејќи вакви настани вообичаено се проследени со терористички напади.

„Обично, онаму каде што има зголемување на насилствата, секогаш има и терористички акт, секогаш се активираат ќелиите со спијачи… Мрежите на Исламска држава многу внимателно го следат „Фејсбук“ и она што излегува во медиумите. Таквите, кои се прават големи херои, треба да знаат дека со вакво поведение можат да изложат на ризик огромен дел од населението“, изјави премиерот во оставка.

Претседателката на Агенцијата за бегалци, Петја Прванова, истакна дека најверојатно постои поврзаност меѓу мигрантските протести во Бугарија со оние во камповите во другите европски земји.

„Кога се запали кампот во Кале (Франција), инциденти имаше и во Харманли, кога имаше инцидент во Германија, имаше и тука. Вчера се запали камп на островот Лезбос, сега и тука. Очигледно има врска меѓу овие настани“, изјави Прванова за БТВ.

Немирите во кампот во Харманли биле предизвикани главно од мигранти од Авганистан.

„Групи Авганистанци тепаа Сиријци, за да излезат да се бунтуваат“, изјави Борисов.

Според него, постои можност бунтот да е организиран од надвор. Како аргумент за ова, тој го посочи фактот дека самите мигранти преку мобилни телефони пуштале снимки на социјалните мрежи.

Во декември треба да почне екстрадицијата, односно враќањето назад во нивната земја, на мигрантите од Авганистан. Како што соопшти Борисов, веќе бил нарачан авион од Кабул, а летот е организиран од бугарските власти во координација со Европската агенција за гранична и крајбрежна заштита.

По нередите, кампот во Хармални е целосно оштетен. Нанесена е сериозна материјална штета, а според зборовите на Борисов, не е останат ниту еден здрав прозорец.

Во моментов во центарот во Хармални има околу 2.700 лица, кои се разделени и групирани според нивната националост за да не дојде до нови судири. Во кампот има околу 600 деца и од 400 до 500 жени, кои, како што соопшти Прванова, се сместени на безбедно.


Бугарската полиција притвори 200 мигранти по немири во бегалски камп


Софија, 25 ноември, 2016 - 10:55 (META) 

Бугарската полиција притвори 200 мигранти по судирите во бегалски камп на југот на Бугарија, во кој биле повредени и 14 полицајци, соопштија бугарски официјални претставници.

Според портпаролката на бугарската полиција, Нина Николова, во нередите учествувале околу 2.000 мигранти, кои скандирале, палеле гуми и фрлале камења кон полицијата.

Тензиите, како што пренесуваат локалните медиумите, ескалирале вчера, поради што полицијата употребила водени топови за да ги прекине насилствата.

Се очекува во текот на денот бугарскиот премиер Бојко Борисов да го посети бегалскиот камп каде се случија нередите.


Осомничениот за терористичкиот напад во Ница имал петмина соучесници


Париз, 21 јули, 2016 - 20:40 (META) 

Возачот на камионот кој усмрти 84 лица во терористичкиот напад во Ница, Мохамед Булел, имал логистичка поддршка од петмина соучесници, кои сега се наоѓаат во притвор, соопштил денеска на прес-конференција францускиот обвинител Франсоа Молин, пренесува „Би-би-си“.

Обвинителот изјавил дека нападот бил планиран со месеци однапред, а еден од осомничените го снимал местото еден ден по нападот. Сите петмина осомничени со соочуваат со обвиненија за тероризам.

Станува збор за четворица мажи и за една жена, на возраст од 22 до 40 години, кои наскоро треба да бидат изведени пред суд.

Меѓу осомничените, како што пренесува „Би-би-си“, е и албанска двојка, осомничени дека му обезбедиле пиштол на Булел. Уште еден од осомничените, 22-годишен маж, се верува дека добил СМС-порака од возачот на камионот, вечерта кога беше изведен нападот, во која се зборувало за набавка на оружје. Според агенциите, полицијата во неговиот дом пронашла автоматска пушка „калашников“ и муниција.

Петтемина осомничени помагачи, како и самиот Булел, не им биле познати на француските разузнавачки служби пред нападот.


Обвиненија за 85 турски генерали по неуспешниот обид за државен удар


Анкара, 19 јули, 2016 - 11:30 (META) 

Турските правосудни власти поднеле обвиненија против 85 генерали и адмирали на војската, по неуспешниот обид за државен удар, додека неколку десетици сè уште се наоѓаат на распит, јавува турската државна агенција „Анадолија“.

По неуспешниот обид за пуч на 15 јули, во кој загинаа околу 300 луѓе, притворени се вкупно 103 генерали на турската војска, против кои се води истрага.

Меѓу обвинетите е и командантот на турските воздухопловни сили, генералот Ердал Остурк, кој призна дека дејствувал со намера да спроведе државен удар.


По тортурите на ЦИА, мозокот на притворените веќе не е ист


Вашингтон, 23 декември, 2014 - 16:36 (META) 

Бруталните методи на испитување, кои ЦИА ги користела над осомничените за тероризам, можат да остават долгорочни психолошки последици, укажуваат научниците.

Извештајот на Сенатот, објавен на почетокот од месецов, детално ги опишува контроверзните методи што испитувачите ги користеле за да ги направат притворениците пасивни и немоќни. Испитувачите користеле техники како држење во будна состојба и симулирано давење, за да ги доведат притворените до состојба која психолозите ја нарекуваат „научена беспомошност“.

Научниците тврдат дека мозокот може да стане условен од стравот и од стресот, како и кај личноста да се појави пост-трауматски стрес, состојба на долготрајна анксиозност, депресија, како и трајна промена на личноста.