!Во периодот што претстои работиме на воведување систем за пристап и за претплата. За начинот на пристап и за претплатата ќе информираме дополнително. Содржините на „Мета“ до тогаш се слободни за преземање со задолжително цитирање и атрибуирање.

Поради Супер купот на УЕФА од денеска ќе има изменет сообраќаен режим


Скопје, 7 август, 2017 - 10:03 (META) 

Поради Супер купот на УЕФА од денеска ќе биде воведен посебен сообраќаен и пешачки режим за сообраќајниците во непосредна близина на стадионот.

Министерството за внатрешни работи соопшти дека од осум часот денеска до завршување на натпреварот, односно до 9 август, на потегот од крстосниците на улиците Аминта Трети (поранешна Ленинова) и Јордан Хаџи Константинов-Џинот ќе се пропуштаат исклучиво лица и возила кои имаат соодветна акредитација од организаторот на мечот, УЕФА.

На денот на натпреварот, зависно од интензитетот на сообраќајот, не е исклучена можноста од затворање за сообраќај и на булеварот Илинден на потегот од објектот на Владата до крстосницата со улицата Рузвелтова.

Градоначалникот на Град Скопје, Коце Трајановски, информираше дека Град Скопје е подготвен да ги пречека илјадниците навивачи од сите страни на светот за претстојниот натпревар меѓу двата најтрофејни клубови во Европа, „Реал Мадрид“ и „Манчестер јунајтед“.

За навивчите е подготвена т.н неутрална зона во согласност со стандардите на УЕФА, која ќе биде отворена во 11 часот.

– Во неутралната зона за обожаватели, сите ќе можат да играат фудбал, фудбалски тенис, да шутираат пенали, а и да си ги испробаат своите способности. Во оваа зона е предвидена богата музичка програма на познати македонски диџеи и музичари, кои ќе ги забавуваат посетителите на 7 и 8 август од 11 до 19 часот – рече Трајановски.

Тој додаде дека заедно со УЕФА и со ФФМ, на оваа локација ќе се постават и трите трофеи на УЕФА, трофејот на Лигата на шампионите, трофејот на Лига Европа и Супер купот.

Навивачите на „Реал Мадрид“ и на „Манчестер јунајтед“, пред самиот натпревар ќе се соберат на плоштадот „Филип Втори“ и пред платото на спомен-куќата на „Мајка Тереза“, од каде ќе тргнат кон националната арена „Филип Втори“.


Иницијатива за бесплатно сместување за обожавателите што ќе дојдат за Суперкупот


Скопје, 25 јули, 2017 - 10:26 (META) 

Поради огромниот пораст на цените за сместување во хотелите во Скопје и кај некои станоиздавачи поради претстојниот Суперкуп на УЕФА, неколку млади луѓе почнаа акција да го обелат образот на Скопје пред фудбалските обожаватели. Со нивниот проект „Суперкуп Скопје“ SuperCupSkopje, членовите на заедницата WeTalkIT ги поврзуваат фудбалските обожаватели на кои им треба сместување со луѓе од Македонија кои имаат желба да им понудат бесплатен престој.

Целта на овој проект е што поголем број граѓани да бидат домаќини на еден или двајца гости во својот дом, за да им овозможат место за преноќување на обожавателите кои ќе дојдат да го следат натпреварот помеѓу „Реал Мадрид“ и „Манчестер јунајтед“.

За да му овозможите сместување на некој од обожавателите, сè што треба да направите е да се логирате на специјалната веб-страница и да наведете каков тип сместување може да понудите. Гостите заинтересирани за сместувањето преку е-маил директно ги контактираат оние тие што објавиле сместување, а домаќинот потоа самиот одлучува кој гостин или гости сака бесплатно да ги прими во својот дом.


Навивачката група „Мајмуни“ до „Партизан“ и ПАОК: Банкрот за Грција и НАТО – 1999 за Србија


Прилеп, 13 февруари, 2017 - 11:55 (META) 

Навивачката група „Мајмуни“ на фудбалскиот клуб Победа од Прилеп, викендов им одговори на навивачите на српскиот клуб „Партизан“ и на грчкиот ПАОК, кои во средата во Солун истакнаа транспарент на кој беше испишано „Македонија е Грција, Косово е Србија“.

Навивачите на „Победа“ од Прилеп објавија транспарент со кој на Грција и посакаа да банкротира, а Србија повторно да биде бомбардирана од НАТО.

– За нашите јужни соседи само банкрот, за нашите северни соседи само НАТО од 1999-та“, стои на транспарентот на навивачката група „Мајмуни“, а на крајот на англиски се додава „Грција е Македонија“.

Слика од транспарентот на прилепските навивачи се појави и на фејсбук-страницата „Балкански навивачи“ и предизвика бројни коментари на социјалните мрежи.


Утре завршна конференција на проектот „Навивај без омраза“


Скопје, 7 февруари, 2017 - 15:30 (META) 

Проектот „Навивај без омраза“, кој беше спроведен од 10 млади активисти, новинари и студенти, а беше финансиски поддржан од Амбасадата на САД во Албанија, ќе се финализира утре на прес-конференција која ќе се одржи во „ГЕМ-клубот“ со почеток во 14 часот.

Притоа ќе бидат презентирани активностите на проектот, како што се влијанието на социjалните мрежи во спречувањето на говорот за омраза, како и претставување на кампањата против насилството на спортските натпревари и презентација на видеоматеријал.

Сите активности на проектот „Навивај без омраза“ се одвиваа во периодот од септември 2016 година до февруари годинава.

„Навивај без омраза“ е иницијатива која има цел да ги спречи феноменот на говорот на омраза и насилството помеѓу навивачите и да се справи со нив.

Идејата за овој проект произлезе за време на работилницата „Спречување на насилниот екстремизам“ (CVE), која се одржа во Драч во јули минатата година, а беше организирана од Центарот за соработка и медијација (IDM) од Албанија.

Повеќе информации за проектот „Навивај без омраза“ можете да прочитате на фејсбук-страницата  https://www.facebook.com/LetsPlayNoHate/?fref=ts.


ФИФА ќе ги казни Косово и Хрватска


Женева, 18 октомври, 2016 - 14:25 (META) 

ФИФА поведе дисциплински постапки против Косово и Хрватска поради тоа што навивачите на двете репрезентации за време на квалификациските натпревари за Светското фудбалско првенство извикуваа антисрпски пароли.

Навивачите на своите јазици скандирале „Убиј го Србинот“ на натпреварот на кој Хрватска победила со 6:0.

Натпреварот се одиграл на 6 октомври во албанскиот град Скадар, затоа што фудбалските стадиони на Косово не се усогласени со правилата на ФИФА.

Фудбалската федерација не соопшти кога ќе ја донесе одлуката.

Хрватска поради однесувањето на навивачите е веќе казнета и првите два натпревари од квалификациите на домашен терен ги играше без публика.


Денеска почнува „Еуро 2016“ во Франција


Париз, 10 јуни, 2016 - 10:25 (META) 

Со натпреварот меѓу репрезентациите на Франција и на Романија, денеска почнува Европското првенство во фудбал „Еуро 2016“, кое се одржува во Франција и ќе трае еден месец.

На првенството учествуваат 24 европски репрезентации, кои ќе играат на 10 стадиони во Франција, на кои се очекува посетеност од околу 2,5 милиони гледачи.

Организаторите на „Еуро 2016“ тврдат дека се преземени сите безбедносни мерки и дека нема простор за паника меѓу посетителите.

Повеќе од 90.000 полицајци, жандармерија и приватни агенти за безбедност ќе бидат распоредени на фудбалските стадиони, парковите и на местата на кои ќе се собираат поголем број луѓе.

Франција очекува околу 7 милиони луѓе – гости, туристи и навивачи за време на одржувањето на првенството.


Исламистите убиле 14, а раниле 20 навивачи на „Реал Мадрид“


Самара, 13 мај, 2016 - 19:18 (META) 

Најмалку 14 лица се убиени, а повеќе од 20 се ранети кога припадници на Исламска држава влегле во кафуле во градот Самара во Ирак и почнале да пукаат.

Во тој момент во кафулето имало околу 50 навивачи на шпанскиот фудбалски клуб „Реал Мадрид“, кои се собрале да гледаат снимка од натпревар на нивниот омилен клуб.

Според неофицијалните информации, во нападот учествувале тројца напаѓачи.

– Група терористи од Исламска држава влегоа во кафуле и потоа почнаа да пукаат по луѓето – изјави претседателот на клубот на обожаватели на „Реал Мадрид“ во Самара, Зиад Субхан.

Прашан за мотивите на нападот, тој одговорил дека терористите не го сакаат фудбалот бидејќи мислат дека е против муслиманите.


Две тепачки на навивачи синоќа во Тетово


Тетово, 11 април, 2016 - 12:27 (META) 

Членови на тетовската навивачка група „Војводи“ вчера, околу 19 часот, во Тетово нападнале две лице на возраст од 20 години. Инцидентот се случил на улицата Иво Лола Рибар, по која се движеле нападнатите. Тие биле удирани по главите и по телата. Во меѓувреме, ги разделиле две лица кои со возило запреле на улицата, по што напаѓачите се оддалечиле од местото. И двајцата тетовци добиле видливи повреди, пренесени се во тетовската клиничка болница и пуштени се на домашно лекување.

Тетовската полиција синоќа регистрираше уште една тепачка. Околу 19.30  часот, три лица додека се движеле кон своите домови по улицата Гоце Делчев во Тетово, биле пресретнати од две патнички возила „БМВ“ и „даеву матиз“, од кои излегле осум-девет непознати лица, членови на навивачката група „Балисти“, кои веднаш ги нападнале. Непознатите со тврд предмет и со тупаници удирале едно од лицата во главата и по екстремитетите, додека неговите другари го напуштиле местото за да побараат помош. Сосед го пренел повредениот во тетовската клиничка болница за да му се укаже  помош, каде е задржан за понатамошно лекување.

Полицијата проверува дали овој инцидент е поврзан со претходната тепачка, регистрирана на улицата Иво Лола Рибар во Тетово.


Тепачка меѓу навивачки групи од Црна Гора и од Македонија – 12 повредени, двајца потешко


Гостивар, 21 февруари, 2016 - 21:09 (META) 

Дванаесет повредени е билансот од физичката пресметка меѓу навивачите на фудбалскиот клуб Шкендија и на ракометниот клуб Будуќност од Црна Гора. Инцидентот се случил попладнево кај Сушички мост, кој се наоѓа меѓу Мавровска крстосница и планинскиот премин Стража.

Според полициски информации, инцидентот настанал откако навивачите на Шкендија, кои оделе на фудбалски натпревар во Кичево, почнале да фрлаат тврди предмети кон навивачите на Будуќност, кои со два автобуси се превезувале до Скопје, каде оделе да го бодрат нивниот тим против екипата на Вардар.

Двајца од вкупно 10 повредени навивачи од Црна Гора, добиле тешки телесни повреди.

– Еден беше повреден во пределот на главата, му беше укажана помош тука и потоа беше испратен во Скопје за понатамошни испитувања. Уште еден беше повреден во грбот, наводно од камења. Беше во потешка состојба и беше испратен на клиника во Скопје. Деветмина други, со помали повреди по лицето и по телата, се прегледани тука, по што се пуштени на домашно лекување – изјави д-р Бекир Зеќири од гостиварската болница.

На повреди се пожалиле и двајца навивачи од Шкендија, но по укажаната помош во болницата во Кичево, пуштени се на домашно лекување.

Полицијата допрва ќе истражува како дошло до инцидентот, по што ќе следуваат соодветни мерки.


Кривична пријава за тројца малолетници кои претепаа граѓани по фудбалски натпревар


Скопје, 27 септември, 2015 - 11:42 (META) 

СВР Скопје поднесе кривична пријава против тројца малолетници, двајца на возраст од 17 и еден на возраст од 15 години, од Скопје, поради постоење основи за сомневање дека извршиле насилство.

На 9 август 2015 година, околу 21 часот, по завршување на фудбалскиот натпревар Вардар – Шкупи, каде биле гледачи, се упатиле заедно, со уште неколку, засега непознати лица, кон градскиот плоштадот, каде околу 21.45 часот, се маскирале и физички ги нападнале М.М. (23), Б.И. (20) и М.И. (48) од Скопје, удирајќи ги со стаклени шишиња и со боксови по главата и по телото, по што го напуштиле местото на настанот.

Оштететните биле пренесени во Клиничкиот центар, каде им се констатирани телесни повреди и по укажаната лекарска помош биле пуштени на домашно лекување.

По преземени мерки од полициски службеници, како и по извршениот увид на видеонадзорот, истите се утврдени и повикани и во присуство на родител, извршен е разговор, по што им е поднесена кривична пријава.

СВР-Скопје и понатаму презема мерки и активности за утврдување и на други инволвирани лица.

Инаку, на едното пријавено лице на возраст од 17 години, предходно му била поднесена кривична пријава за учество во тепачка.