fbpx

Пред натпреварот со Косово, повик до навивачите да не користат говор на омраза или насилство

-

Во пресрет на утрешниот фудбалски натпревар меѓу репрезентациите на Северна Македонија и Косово, ЦИВИЛ упати апел до сите навивачки групи да се воздржат од ширење на говор на омраза или насилство, кои навивачките групи ги промовираат континуирано и со години.

„ЦИВИЛ се залага за општество во кое владее слободата, еднаквоста и правдата, општество во кое граѓанките и граѓаните се чувствуваат безбедни и имаат доверба во институциите, каде што безбедноста, слободата на движењето и слободата на изразувањето се гарантираат со закон и со ефикасно функционирање на системот“, се вели во соопштението на ЦИВИЛ.

Утрешниот натпревар меѓу Северна Македонија и Косово ќе се одржи со почеток од 20:45 часот на Националната арена „Тодор Проески“ во Скопје. Во меѓувреме, од Министерството за внатрешни работи апелираа до граѓаните да не организираат заедничко следење на натпреварот на локации надвор од стадионот, потсетувајќи дека на фудбалскиот натпревар нема да биде дозволено присуство на публика, во согласност со мерките за заштита од ширење на ковид-19.

„До навивачките групи, со кои поголем дел од Секторите за внатрешни работи, односно Отсекот за превенција, одржаа средби, апелираме да се воздржат од инциденти, употреба на говор на омраза или други нарушувања на јавниот ред и мир, затоа што тоа најстрого ќе биде санкционирано“, потенцираат од МВР.

Инаку, токму во изминативе недели се случија неколку сериозни инциденти во кои беа вклучени навивачките групи. Навивачи од групата „Комити“ на 13 септември во пресрет на фудбалскиот натпревар меѓу Вардар и Шкупи, на плоштадот „Македонија“ во Скопје скандираа „Мртов Шиптар, добар Шиптар“. Само неколку дена подоцна, навивачи од групата „Комити“ во населбата Ѓорче Петров со идентичен говор на омраза и ширење на етничка омраза и повици на насилство провоцираа мирни жители – Албанци. 

ЦИВИЛ ги повика надлежните институции итно, решително и конечно да се справат и да ги санкционираат соодветно сите групи и поединци кои шират омраза и повикуваат на насилство. Воедно, од Хелсиншкиот комитет за човекови права дојде и директен предлог да се промени начинот на функционирање на навивачките групи во земјава, во насока на директна работа со навивачите за решавање на конфликтите на мирен и ненасилен начин, како и за давање поттик да се реобмисли нивното постоење во конструктивна насока.

„Мета.мк“ веќе објави сторија со податоците на Хелсиншкиот комитет за човекови права, кои покажуваат дека во изминатите две години зголемен е бројот на дела од омраза, каде што сторители или жртви се малолетници.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Гранатирани инфраструктурни објекти во Запорожје и Одеса

Руски проектили погодија индустриска инфраструктура во градот Запорожје, информира Регионалната воена управа на Запорожје, пренесува Укринформ. Утрово, руската армија лансираше балистичка ракета од привремено окупираниот Крим и врз инфраструктурен...