!Во периодот што претстои работиме на воведување систем за пристап и за претплата. За начинот на пристап и за претплатата ќе информираме дополнително. Содржините на „Мета“ до тогаш се слободни за преземање со задолжително цитирање и атрибуирање.

Гутереш: Раселувањето на Рохинџа-муслиманите е етничко чистење


Њујорк, 13 септември, 2017 - 19:28 (META) 

Генералниот секретар на Обединетите нации (ОН), Антонио Гутереш, денеска ги повика властите во Мјанмар да ги прекинат воените операции и да стават крај на насилството кон муслиманите Рохинџа, нагласувајќи дека целата ситуација го дестабилизира регионот.

Гутереш истакна дека раселувањето на речиси една третина од вкупната популација на муслиманскиот народ Рохинџа во Мјанмар може да се нарече етничко чистење.

Околу 370.000 муслимани Рохинџа изминатите неколку дена побегнаа од Мјанмар во Бангладеш.

„Хуманитарната ситуација е катастрофална“, изјавил Гутереш и побарал од меѓународната заедница помош за раселените во храна, лекови и вода.


ОН: 87.000 лица од Мјанмар побегнaле во Бангладеш


Њујорк, 4 септември, 2017 - 10:43 (META) 

Од 25 август, кога почнаа судирите во Мјанмар, во Бангладеш стигнале вкупно 87.000 бегалци, претежно припадници на муслиманскиот народ Рохинџа, соопштија Обединетите нации.

Светските агенции наведуваат дека преполни се камповите во Бангладеш со Рохинџа-муслимани.

Во текот на претходната недела, повеќе од 2.600 куќи се запалени на северозападот на Мјанмар, во областа каде живеат Рохинџа-муслимани, соопшти претставник на УНХЦР.

Властите на Мјанмар за палењето на куќите ја обвинија исламистичката група Војска за спас на Аракан Рохинџа, истата група која ја презеде одговорноста за координираните напади на безбедносните пунктови, што ги предизвика минатонеделните судири.

Сепак, Рохинџа-муслиманите кои пребегнале во Бангладеш велат дека кампањата на палење куќи и убиствата ги врши војската на Мјанмар, која се обидува да ги протера од таа област.

Генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш, претходно предупреди за можна хуманитарна катастрофа на западот на Мјанмар и инсистира безбедносните сили на земјата да запрат со насилството, откако 400 лица, претежно Рохинџа-муслимани загинаа во судирите.


Нападната полицијата и војската во Мјанмар


Најпјидо, 25 август, 2017 - 15:24 (META) 

Муслимански екстремисти, вооружени со пушки и мачети ги нападнаа силите за безбедност на Мјанмар на неколку полициски и гранични пунктови. Убиени се 71 лице.

Локалната полиција наведела дека истовремено се нападнати 26 пунктови. Убиени се 12 граничари, но, и 59 напаѓачи, а полицијата наведува дека сè уште им пристигаат податоци за жртви. Нападите се случиле во текот на ноќта во северната држава Ракине.

Само неколку часа претходно, комисија предводена од поранешниот генерален секретар на ОН, Кофи Анан порача владата на Мјанмар да го подобри економскиот развој и социјалната правда во државата Ракине за да се спречи насилството меѓу будистите и муслиманското малцинство.

Канцеларијата на премиерката Аунг Сан Су Чи наведе дека нападите се извршени за да ги поткрепат извештаите на комисијата.


Сто илјади лица се раселени во Мјанмар поради поплавите


Најпјидо, 24 јули, 2017 - 12:04 (META) 

Најмалку две лица загинаа во поплавите во Мјанмар, а повеќе од 100.000 се раселени поради надојдената вода, која со себе однела и еден будистички храм, јавуваат медиумите, повикувајќи се на изјави на очевидци.

Нивото на водата се зголеми откако на почетокот на јули почнаа монсумските дождови.

Локалните власти и хуманитарните служби соопштија дека дел од населението се повлекло во повисоките подрачја или во будистичките манастири.

– Засега ситуацијата е под контрола, но сè зависи од временските услови. Подотвени сме да пружиме помош во поплавените подрачја затоа што поплавите се случуваат секоја година – рече Ко Ко Наинг од Министерството за социјална заштита.


Исчезна воен авион со 116 лица во Мјанмар


Најпјидо, 7 јуни, 2017 - 15:56 (META) 

Воен авион исчезна од радарот на Мјанмар, соопшти шефот на војската на таа земја, а аеродромски извори наведуваат дека во авионот имало 116 лица, односно 105 патници и 11 членови на екипажот.

Комуникацијата со леталото ненадејно прекинала околу 13.35 часот (9.05 часот по централноевропско време), рече генерал Мин Аунг Хлаинг.

Контактот со авионот е прекинат додека ја надлетувал областа Давеиј, на југоистокот на Мјанмар.

Авионот полетал од местото Мјеик, на југот на Мјанмар, и требало да слета во градот Јангон.

– Во тек е операција за пронаоѓање и за спасување, која се спроведува со авиони и со воени бродови – изјави воен претставник.


Силен земјотрес регистриран во Централен Мјанмар


Рангун, 24 август, 2016 - 14:36 (META) 

Земјотрес со интензитет од 6,8 степени според Рихтеровата скала денеска го погоди централниот дел на Мјанмар.

Американскиот геолошки завод соопшти дека епицентарот на земјотресот бил на околу 25 километри западно од градот Чаук, на длабочина од 84 километри.

Засега нема информации за причинета штета, а земјотресот се почувствувал и во главниот град на Тајланд, Бангкок.


Мјанмар: 90 загинати во одрон кај рудик


Јангун, 22 ноември, 2015 - 11:55 (META) 

Најмалку 90 луѓе загинаа во лизгање на земјиште во близина на рудник за жад на северот на Мјанмар, соопштија властите.

Се претпоставува дека починатите пред несреќата го пребарувале ридот од отпад што го направиле багерите што ги користи рударската компанија.

– Досега се пронајдени 90 тела. Пронаоѓаме само трупови, а никој не знае колку луѓе имало на ова место – изјави локален официјален претставник, Нилари Минт, додавајќи дека само една жена е извлечена жива, но оти набрзо им подлегнала на раните.

Мјанмар е извор на речиси сите светски резерви на најрафинираниот жад, речиси проѕирен зелен камен кој особено се цени во соседна Кина.


Во поплавите во Индија загинале повеќе од 100 луѓе


Њу Делхи, 3 август, 2015 - 17:20 (META) 

Во монсунските дождови во Индија, изминатата недела животите ги загубиле повеќе од 100 луѓе, а десетици илјади побарале засолниште во некој од прифатните кампови, соопшти денеска индиското министерство за внатрешни работи.

Во циклонот што ја зафатил државата Западен Бенгал, загинале 48 лица, а повеќе од 200.000 се наоѓаат во камповите за помош.

Индија редовно страда од поплави за време на сезоната на монсуни.

Во Мјанмар, државата која се наоѓа во Бенгалскиот Залив, во поплавите досега загинале најмалку 47 луѓе.

Ветрот и дождот од циклонот Комен во последните денови дополнително ја зголемија штетата од поплавите во Индија.

Според индиските власти, речиси 4 милиони луѓе во 10.000 села во државата Западен Бенгал се погодени од поплавите.


Мјанмар прогласи вонредна состојба поради големите поплави


Непјида, 1 август, 2015 - 14:05 (META) 

Претседателот на Мјанмар прогласи вонредна состојба во четири региони во државата поради поплавите во кои животите ги загубија 27 луѓе, јавуваат светските медиуми.

Монсунските дождови кои врнат веќе неколку недели го поплавија поголемиот дел од Мјанмар, земја која, исто така, е позната под името Бурма.

Според медиумските извештаи, илјадници луѓе побарале засолниште во будистичките манастири во земјата. Според некои информации, припадници на муслиманското малцинство во земјата биле насила избркани од напуштените училишта и јавни центри, во западниот дел на Мјанмар, каде претходно се засолниле од поплавите.


Мјанмар ослободи близу 7.000 затвореници во пресрет на изборите


Непјида, 30 јули, 2015 - 12:43 (META) 

Властите на Мјанмар помилувале и ослободиле околу 7.000 затвореници, меѓу нив и 210 странци, пренесуваат медиумите, повикувајќи се на официјални информации од владата.

Амнестијата, која, според министерството за информации, била иницирана од претседателот од „хуманитарни причини“, доаѓа пред изборте во Мјанмар, кои се закажни за ноември.

Сепак, пренесува „Би-Би-Си“, сè уште не се знае дали меѓу помилуваните се бурманските политички затвореници.

Од друга страна, кинеските државни медиуми потврдиле дека меѓу ослободените се 150 кинески дрвосечачи, чие апсење предизвика револт во Пекинг.

Претседателот на Мјанмар, земја која, исто така, е позната и како Бурма, Теин Сеин, кој ги доби изборите во 2010 година и ја замени воената хунта, која владееше со земјата, со цивилна влада поддржана од војската, вети дека ќе ги ослободи сите политички затвореници.

Се верува дека во затворите во Мјанмар сè уште има околу 150 политички затвореници.