Мјанмар го блокираше Фејсбук поради повици за граѓанска непослушност

Фото: Solen Feyissa, Unsplash

Поради објавување повик за граѓанска непослушност, новата воена влада во Мјанмар го блокираше пристапот до социјалната мрежа Фејсбук, неколку дена откако ја соборија демократската влада и ја преземаа власта. Граѓанската непослушност доаѓа по пучот во кој беше сменета и притворена премиерката Аунг Сан Су Ќи.

Мобилниот оператор Теленор Мјанмар кој е дел од норвешката група Теленор потврди дека мобилните оператори и интернет провајдерите во Мјанмар добиле инструкции од Министерството за комуникации привремено да го блокираат Фејсбук. Како што велат од операторот, загрижени се дека со тоа ќе се нарушат човековите права. Информацијата ја потврдија и од Фејсбук.

Полицијата во Мјанмар ја обвини Аунг Сан Су Ќи дека поседува неколку нелегално увезени воки-токи во нејзиниот дом, што законски и дозволува да остане во затвор до 15 февруари. Таа и повеќе високи политичари беа уапсени во воен удар во понеделникот. Според воените претставници, пучот бил неопходен за да се зачува „стабилноста“ на државата.

Фејсбук е популарна социјална мрежа во Мјанмар, а соборената влада преку неа комуницира со своите приврзаници. Половина од 53 милиони луѓе во Мјанмар користат Фејсбук, а активистите отворија страница за координација за спротивставување на пучот.