!Во периодот што претстои работиме на воведување систем за пристап и за претплата. За начинот на пристап и за претплатата ќе информираме дополнително. Содржините на „Мета“ до тогаш се слободни за преземање со задолжително цитирање и атрибуирање.

„Скопје Синема Сити“ од 15 до 19 јуни во Кинотека на Македонија


Скопје, 24 мај, 2017 - 17:57 (META) 

Од 15 до 19 јуни, во киносалата на Кинотека на Македонија ќе се одржи третото издание на Филмскиот фестивал за музички документарни филмови „Скопје Синема Сити“ во организација на граѓанското здружение „Номад-Арт“ во соработка на Кинотека на Македонија.

Фестивалот на својата програма ќе има документарни филмови чијашто главна тема ќе биде музиката, без оглед на жанрот или годината на продукција, со цел да создаде едно богато музичко искуство и патешествие. Една од целите на фестивалот е да го прикаже богатството на денешниот музички свет, изразен преку музичките документарци.

Оваа година Фестивалот му оддава почест на германскиот бенд Крафтверк, пионерите на електронската музика, со чијшто документарен филм „Поп Арт“ на режисерите Ханс Росашер и Симон Витер ќе се отвори „Скопје Синема Сити“.

За време на фестивалот ќе бидат прикажани музички филмови од светот на џез, поп, рок, електронската и класичната музика.


Во Охрид привршува снимањето на филмот „Дедо и внук“ на Илија Пиперкоски


Охрид, 11 мај, 2017 - 12:46 (META) 

Македонскиот режисер Илија Пиперкоски, кој живее и работи во Букурешт, каде е на постипломски студии на Филмската академија, во Охрид го привршува снимањето на неговиот прв и, како што вели, „целосно охридски филм“, „Дедо и внук“.

Снимањето почна на 21 април, во истата куќа во старото градско јадро на Охрид, каде, во 1961 година, е снимен филмот „Мирно лето“. Тој за „Мета“ изјави дека премиерата на филмот се очекува да биде во Охрид следната година.

– Откако се запишав на филмска академија, го чекав овој ден. Не дека претходно не сум правел кратки филмови, но, знаете, кога снимате игран филм, чуството е друго, многу поинаку може да се изразите и во поинаков формат може да ја искажите приказната – додава Пиперкоски кој, воедно, овојпат се јавува и како сценарист.

Пиперкоски претходно ги сними краткиот филм „Матасари“, документарецот „Јас и мојот живот без некои работи“, „Чистилиште на душата“, документарно-играниот филм „Последниот Македонец – Патот до истребување“.


Смртта ги потисна „Шу праиш“ и „Ало началниче“ на ѕидовите


Скопје, 30 март, 2015 - 8:56 (META) 

По графитите „Шу праиш“, „Здраво Горде“ и „Ало началниче“, инспирирани од прислушуваните разговорипочнаа да се појавува и серија со националистичка содржина и јасен говор на омраза.

Кај голем дел од графитите негативното ословување за одредена етничка заедница е пречкртано и е заменето со друг збор. На пример, вториот збор во „Смрт за Шиптари“ е заменет со зборот „омраза“, по што графитот станал „Смрт за омраза“.

Вчера, пак, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски, на минингот во Штип го обвини токму лидерот на опозицијата, Зоран Заев, дека планира да инсценира меѓуетнички тензии.

– Да не дозволиме да го направат финалето за кое оваа нивна операција е измислена. Да не дозволиме да нè закрват ниту по политички ниту по верски и етнички линии. Да не дозволиме да успеат во сценариото што тие го исконструирале – рече Груевски.

Познавачите велат дека доколку графитите се појавиле преку ноќ, веројатно се нарачани од политички центри на моќ, со јасна намера да се дефокусира моменталната остра критика на власта и да се насочи кон меѓуетничка омраза.

– Дека вакви акции се организираат и дека имаат застрашувачки ефект, не е ништо ново. На пример, пред неколку години, оркестрирано „Брат Љубе“ преку ноќ стана „Љубе предавник“ на скопските улици и по медиумите. Она што е ново и радува е што во последниве години има и појава на антинационалистички интервенции врз графитите кои шират омраза – се пребојуваат во „Смрт за национализмот“ или „Смрт за шовинизмот“. Овие интервенции, колку што ми е познато, се организираат од групи поврзани со новата македонска левица, која има мултиетнички карактер. Кои графити ќе „победат“ е тешко да се предвиди – вели Слободан Јаќоски, комуникациски аналитичар.

Графитите во зависност од содржината можат да послужат како показател за состојбите во едно општеството – вели Бардил Јашари, директор на Фондацијата за интернет и општество „Метаморфозис“.

– Тие се често рефлексија на актуелни случувања и такви се, на пример, графитите кои содржат фрагменти од објавените „бомби“ на Заев. Се разбира дека графитите, исто така, можат да послужат за јавно пренесување пораки кои предизвикуваат омраза и сметам дека графитите кои се појавија во последно време против Албанците се користат за манипулација и дефокусирање од вистинските проблеми преку потикнување омраза но и страв со „потсетување на дежурната закана“ за Македонија и Македонците. Такви графити редовно се појавуваа со помал или поголем интензитет во зависност од политичкиот контекст и се редовен попратен „декор“ на секои избори, па затоа мислам дека можеби сe дел од партиска кампања и подготовка за избори. Сепак, реакцијата на ваквите графити со бришење на елементите на омраза инспирира и дава надеж дека можеби ваквите манипулации во иднина ќе имаат се помал ефект – вели Јашари.

Во оваа акција за дефокусирање на јавноста од актуелната политичка криза може да се сместат и острите коментари околу документарецот на  „Ал Џезаира“, „Луѓе и моќ: Македонија – зад фасадата“, прикажан веднаш по интервјуто на Зоран Заев, но и слични коментари за предлогот Албанец да биде премиер на Македонија, кој се појави во анкета на неделникот „Фокус“.