Собранието едногласно ја донесе Декларацијата за членство во НАТО

Собранието на денешното продолжение на 53. седница ја донесе Декларацијата за поддршка на пристапниот процес за членство на Република Македонија во НАТО, со 76 гласа „за“, без „воздржани“ и „против“.

Пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Драган Данев, истакна дека неговата партија ќе ја поддржи Декларацијата и ќе даде силен придонес на патот на Македонија за полноправно членство во НАТО.

– Навистина е придобивка да се биде член на овој Сојуз, но истовремено е сериозна одговорност. Членството во НАТО не значи дека веднаш од исток и од југ, од запад и од север ќе се отворат славините и во Македонија ќе тече мед и млеко – рече Данев и додаде дека тоа значи многу работа и обврски за сите граѓани во Македонија, владеење на правото, независно судство, развиен образовен и здравствен систем.

Данев потсети дека ВМРО-ДПМНЕ била онаа политичка опција која во 1990 година се формирала врз три постулата за независна Македонија, влез во европската заедница и во НАТО.

Пратеникот од СДСМ, Хари Локвенец рече дека влезот во НАТО директно носи безбедност и стабилност, но сепак, како што посочи, најголемите индиректни влијанија што ги носи членството не се воени, туку економски бенефиции.