Скопското обвинителство поднесе обвинение за пукањето во хирургот во Клинички центар

Скопското основно јавно обвинителство поднело обвинителен акт против осомничениот кој пукаше и го рани абдоменалниот хирург Љубомир Огненовиќ на клиниката за дигестивна хирургија во ноември минатата година, соопшти Јавното обвинителство.

Според обвинителството, тој се товари за обид за убиство и за неовластено изработување, држење и посредување и тргување со оружје и со распрскувачки материи.

Против неговиот брат, кој учествуваше во инцидентот, е поднесен обвинителен предлог, според кој, тој се товари за напад врз службено лице при вршење работи од безбедноста.

Обвинителството побарало од судот на првообвинетиот да му биде продолжен притворот, додека на неговиот брат од претходно му се определени мерките забрана за напуштање на територијата на Скопје, привремено одземање на пасошот и обврска повремено да се јавува во судот.

Инцидентот за кој се обвинети двајцата браќа се случи на 9 ноември минатата година во Кличникиот центар „Мајка Тереза“, во одделението за дигестивна хирургија. Револтиран бидејќи неговата мајка починала по оперативниот зафат, првообвинетиот во лекарската соба истрелал седум куршуми од кои три завршиле во левата нога на хирургот Огненовиќ.

Случајот предизвика жестока реакција меѓу лекарите од Клиничкиот центар, а операциите на клиниката за дигестивна хриругија неколку дена беа во прекин и се примаа само итни случаи.