Реформаторите во ВМРО-ДПМНЕ ќе го соопштат ставот за партискиот конгрес на 17 декември

Внатрепартиската иницијатива за демократизација и модернизација на ВМРО-ДПМНЕ почна консултации со сите активисти во ВМРО-ДПМНЕ, за изградба на обединувачки став за претстојниот конгрес кој ќе се одржи на 23 декември, информираат од таму.

„Во таа насока извршени се консултации со сите заинтересирани кандидати за претседател на ВМРО-ДПМНЕ. Во рамки на овие активности, почнати се консултации и со ФРОДЕМ, Форумот на слободоумни патриоти, Судени за Македонија и Унијата на ветерани. Конечниот став за партискиот конгрес ќе биде утврден и јавно објавен на 17 декември како заклучок на централниот штаб на внатрепартиската иницијатива. Најзначајно за нас е тоа што во сите досегашни консултации, сите учесници ги прифатија принципите што произлегуваат од декларацијата за демократизација и модернизација и од декларацијата за европска ВМРО-ДПМНЕ и за европска Македонија“, се вели во соопштението на оваа иницијатива.

Од ФРОДЕМ бараат демократски избор на кандидати за членови на конгресот, кои на демократски начин ќе бидат избрани од месните и од општинските комитети.

– Само на тој начин членовите ќе ја изразат својата волја, за да не се повтори приказната од претходниот конгрес, што беше еден вид приватна забава на Никола Груевски – изјави Љупчо Алексовски од ФРОДЕМ.

Тој ги повика и другите членови кои не се задоволни од актуелното раководство и од водењето на партијата во погрешен правец, да се приклучат и, како што вели, „со заеднички сили да ја извадат партијата од оваа несакана ситуација“.