Промоција на деталниот гравиметриски премер

Границите на недвижностите од денеска Агенцијата за катастар на недвижности ќе може поточно да ги дефинира, беше истакнато на денешната прес-конференција, на која беше промовиран деталниот гравиметриски премер на цела територија на Република Македонија.

– Во геодезијата податоците од гравиметрискиот премер се од исклучителна важност и нивната примена придонесува за подобрување на точноста и на квалитетот на геопросторните податоци, односно на координатите на геодетските точки и деталните точки, со кои што се дефинираат границите на недвижностите. Податоците, пак, за распоредот и за густината на масите во внатрешноста на земјата се исклучително важни при спроведувањето различни научно-истражувачки и стручни работи – рече директорот на Агенцијата, Славче Трпески.

Тој посочи дека податоците од гравиметриските мерења во комбинација со други можат да се користат во инженерството, рударството, геологијата, хидрологијата, сеизмологијата и во метеорологијата.