Прентовиќ: Државни земјоделски површини се кројат и се делат партиски

Опозицискиот СДСМ ја обвинува власта дека распределбата на државното земјиште ја злоупотребува за партиски цели.

Претседателката на комисија за земјоделство на партијата, Татјана Прентовиќ, посочува дека огласите ги распишува Министерството за земјоделство, но понудите не се доставуваат таму.

„Понудите од последните четири огласи за распределба на државно земјоделско земјште се доставуваат до Генералниот секретаријат на Владата. Станува збор за огласи по потпишаниот политички договор од 2 јуни. Тоа се огласите од 10 и од 31 август и огласите од 1 и од 3 септември 2015 година“, изјави Прентовиќ.

Таа додава дека „кога стана јасно дека ќе има преодна влада, а министерството за земјоделство ќе мора да биде еден од ресорите под контрола од злоупотреби, на 15 јуни 2015 година направени се измени во Законот за земјоделско земјиште“.

Со тие измени, водечката улога на Министерството за земјоделсто во распределбата на земјиштето е префрлена на Владата.

„Според член 30 од Законот за земјоделско земјиште, договорот сo избраниот понудувач сепак го склучува министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство. Оттаму, јасно е што бараат понудите во генералниот секретаријат на Владата. Уреден е упад на генералниот секретаријат на Владата во ингеренциите на Министерството за земјоделство. Доставувањето на понудите до генералниот секретаријат на Владата, јасно и без затскривање покажува дека земјоделските државни површини се кројат и се делат партиски“, посочува Прентовиќ.

Таа објаснува дека во дел од огласите, предвидено е пробивање на законскиот рок за поднесување на понудите. Даден е рок од 60 дена, иако законскиот рок е од 15 до 30 дена.