Поддршка од Хрватско-македонската граѓанска асоцијација за „Новинарски пленум“ и за генерал Ангелов

Хрватско-македонската граѓанска асоцијација, попозната и како „Хрватско-македонска тангента“, испрати писмо со поддршка до македонскиот „Новинарски пленум“ и до генерал Стојанче Ангелов, во кое ги охрабртуваат да издржат на својата благородна и демократска мисија за ослободување на јавниот сервис, односно негово враќање во сопственост на сите македонски граѓани.

„Токму сега, во екот на политичката криза предизвикана со мегаскандалот со прислушување илјадници луѓе и јавни личности, кога власта игнорира и нема капацитет да преземе одговорност, јавниот сервис е должен на сите граѓани да им го овозможи нивното уставно загарантирано право да бидат информирани и да не им се ускратуваат важни информации поврзани со скандалозните и срамни аудиоснимки. МРТВ, според сите норми и стандарди на ЕУ, е должна промптно да прекине со дезинформации и со манипулации со македонската јавност. Во разврската на политичката криза клучниот демократски услов кој јавниот сервис на македонските граѓани мора да го почитува е пласирање на непристрасни и балансирани информации“, се вели во писмото потпишано од Давор Сисак, потпретседател на Хрватско-македонската граѓанска асоцијација, Марио Циноти, претседател на надзорниот одбор, и Силва Губерина, член на собранието.