Почна изграбата на нов водоводен систем во Гевгелија во рамки на проектот „ЕУ за тебе“

Со финансиска поддршка од ИПА фондовите, во Гевгелија денеска почна реализација на проект за унапредување на водоводниот систем со кој треба да се подобри водоснабдувањето на 17.000 жители во Гевгелија, Мрзенци, Моин, Богородица, како и Селеми и Стојаково во општина Богданци.

Евроамбасадорот Самуел Жбогар нагласи дека ваков проект се спроведува првпат во рамки на неодамна започнатата кампања „ЕУ за тебе“.

– Морам да потенцирам дека на многу успешен начин општина Гевгелија успеа да искомбинира различни извори на фондови за финансирање на проектот и мислам дека токму овој начин на реализација на пионер-проект треба да служи како пример на другите општини како треба да спроведат големи проекти и како да ги реализираат – рече Жбогар.

Почетокот на изградбата на новиот водоводен систем, чија вредност изнесува 1,7 милиони евра, освен евроамбасадорот Жбогар, го означија и министерот за финансии Кирил Миноски и градоначалникот Иван Франгов.

Предвидена е изградба на четири бунари, пупмпна станица, станица за хлорификација на водата, цевки, и резервоар за вода од капацитет од илјада метри кубни.

Новиот водоснабдителен систем треба да биде готов до ноември.