Офанзива на ирачките сили против последниот град под контрола на ИД

Ирачките сили денеска покренале офанзива за заземање на Рава, последниот град под контрола на Исламска држава.

Заземањето на Рава ќе значи крај на периодот на владеење на ИД над териториите во Ирак и Сирија, заземени во 2014 година.

Во офанзивата против милитантите во Рава учествуваат две ирачки пешадиски дивизии и сунитски племенски сили.

Сириската војска прогласи победа над терористите на 9 ноември, кога го зазеде градот Абу Камал, последната населба под контрола на ИД на границата на Сирија со Ирак.

Сириската војска и нивните сојузници и понатаму се борат против милитантите во пустинските области во близина на Абу Камал.