На земјоделците ќе им бидат достапни 60 милиони евра од програмата ИПАРД 2

Програмата ИПАРД 2, од која Македонија може да повлече вкупно 60 милиони евра, треба да почне со реализација до средината на 2016 година, најави министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Михаил Цветков.

Тој потсети дека е отворен гарантен фонд кој ќе стои зад 50 отсто од хипотеката за секој проект, а државата ќе субвенционира и 50 проценти од каматата.

Мауро ди Вероли од Делегацијата на ЕУ во Македонија истакнува дека очекувањата за искористувањето на ИПАРД 2, што се однесува на периодот 2014-2020 година, се големи, со оглед дека програмата има поголем опсег во однос на ИПАРД 1, а и процедурите се полесни.

– Постојат два услова за економските оператори да пристапат на заедничкиот европски пазар – нивните прехранбени производи да ги исполнуваат стандардите за квалитет и за безбедност, како и да бидат конкурентни. Исполнувањето на овие две барања е голем предизвик и тоа е една од причините зошто ЕУ дизајнира посебни програми во оваа насока, како што е ИПАРД – рече Вероли.

ИПАРД 1 завршува со последните два огласа објавени во мај и во септември годинава, на кои се поднесени проекти вредни 17 милиони евра. Проектите се генерално од преработувачката индустрија, за отворање откупно-дистрибутивни центри.