МВР: Да не се шпекулира со имиња додека трае истрагата за пронајденото оружје во Чаир

Министерството за внатрешни работи денеска повика да не се шпекулира со имиња и со адреси за случајот со пронајдено оружје во подрумски простории во населба Чаир сè додека трае истрагата.

– Министерството за внатрешни работи ја информира јавноста дека по насоки на јавниот обвинител, се работи на расчистување на случајот со пронајдената муниција, рачни бомби и минофрлачки гранати во подрумските простории од станбен објект во населбата Чаир во Скопје – стои во соопштението и се додава дека по расчистување на случајот, јавноста ќе биде детално информирана.

Единицата за информации и команда (ЕИК Скопје) завчера доби пријава дека во подрум во зграда во скопската населбата Чаир се пронајдени две кофи со разна муниција, рачни бомби и минофрлачки гранати. Полицијата извршила увид и пронашла 19 гранати калибар 40 милиметри во реденик, 12 гранати калибар 40 милиметри, залепени со леплива лента во картонска кутија, две рачни бомби од кинеско производство, една запалка за рачна бомба, 25 куршуми маневарска муниција калибар 7,62 милиметри и 10 куршуми калибар 7, 62 милиметри боева муниција.