Македонците не веруваат во борбата против корупцијата

Граѓаните на Македонија се најголеми песимисти дека нешто може да се направи во однос на корупцијата, таа да се намали или да се искорени и по ова прашање сме на самото дно меѓу останатите земји од Југоисточна Европа. Ова е еден од главните заклучоци од истражувањето на иницијативата „Лидерство за развој и интегритет во Југоисточна Европа“ (СЕЛДИ), во рамките на проектот „Процена на корупцијата и на антикорупцијата во Југоисточна Европа“

– Песимизмот во Македонија е еден од највисоките. Луѓето не веруваат дека нешто може да се направи во однос на корупцијата. Од ова можеме да заклучиме дека она што се прави по ова прашање е недоволно – вели Тодор Јаломов од Центарот за истражување на демократија (ЦСД), кој го спровел истражувањето.

Најчеста форма преку која се манифестира корупцијата во Македонија се подароците, додека во Бугарија за поткуп најчесто се нудат пари.

Според перцепцијата на граѓаните, најкорумпирани јавни службеници се судии, министри, пратеници, цариници и полицајци. Сепак, перцепцијата дека јавните службеници се корумпирани преовладува во Југоисточна Европа, се наведува во извештајот.

– Македонија е една од трите земји во која граѓаните се најмногу подложни на корупција, би дале и примиле мито кога би се нашле во таква ситуација или положба. Според мислењето на граѓаните, Македонија, заедно со Албанија, е најмалку успешна од сите земји во регионот во справувањето и во спроведувањето на политиките за борба против корупција – рече Емина Нурединовска, од Македонскиот центар за меѓународна соработка (МЦМС), кој е член на иницијативата СЕЛДИ.