Комисијата за заразни болести даде препораки за заштита од туларемија

Комисијата за заразни болести денеска одржа состанок на кој ја разгледа актуелната епидемиолошка состојба со појавата на заболувањето туларемија во земјава и препорача превентивни мерки. Состанокот го водеше министерот за здравство, Никола Тодоров, а беа присутни претставници од сите надлежни институции, меѓу кои Институтот за јавно здравје, Државен санитарен и здравствен инспекторат, Агенција за храна и ветеринарство, Центар за јавно здравје – Скопје, Центар за јавно здравје – Велес, информираат од Министерството за здравство, пренесе „Здравство 24“ (zdravstvo24).

Комисијата донесе заклучоци во врска со преземање засилени противепидемиски мерки: Државниот санитарен и здравствен инспекторат да ги задолжи општините да спроведат дератизација на канализациските мрежи во градовите, со посебен фокус на: Гостивар, Тетово, Берово, Велес, Свети Николе, Струмица; Агенцијата за храна и ветеринарство да ги задолжи производителите да ја соберат жетвата од полињата, имајќи предвид дека од неа се хранат глодарите; Агенција за храна и ветеринарство веднаш да изврши хлорирање на сите приватни/селски водоводи (со посебен акцент на засегнатите подрачја – општина Лозово, Арачиново и Грушино); Агенција за храна и ветеринарство да врши редовно земање и контролирање на примероци на вода од приватните водоводи; Центрите за јавно здравје во соработка со општините да извршат итна дератизација и дезинфекција во засегнатите подрачја, во семејни куќи, дворови и околината; Агенција за храна и ветеринарство да земе материјал за испитување на присуство на туларемија кај домашните животни во засегнатите подрачја и да ги достави резултатите до Центрите за јавно здравје и Институтот за јавно здравје; континуирано да се врши и контрола на хлорирање на водата со ниво на резидуален хлор од 0,2-0,5 милиграми на еден литар, односно континуиран надзор над исправноста на водата за пиење; Институтот за јавно здравје да подготви едукативен материјал за матичните лекари и здравствените работници и протокол за постапување со сомнителен пациент, како и едукативен материјал за населението.

Покрај ова, препорачано е да се обезбедат и континуирано да се одржуваат зоните на санитарно хигиенска заштита околу изворните подрачја за да се спречи загадување преку диви животни, Државниот санитарен и здравствен инспекторат во соработка со Агенцијата за храна и ветеринарство да издаде решение за итно воспоставување на пропишаните заштитни зони околу каптажите и резервоарите на водоснабдителните објекти.

Исто така, Комисијата заклучи да се дадат препораки за превенција за населението во засегнатите подрачја: водата од селските чешми да не се пие или да се преврива пред употреба, сè до добивање на резултатите од испитувањето на водата, да се одржува личната и општата хигиена, како и да се применуваат заштитни мерки при контакт со домашни животни, се вели во соопштението од Министерството за здравство.