Ќе се реконструираат седум центри за социјална работа

Седум центри за социјална работа во наредните девет месеци целосно ќе бидат реновирани и реконструирани и ќе бидат опремени со нов мебел и опрема, најави министерот за труд и социјална политика, Диме Спасов, при денешната посета на Центарот за социјална работа во Демир Хисар, каде е почната реконструкцијата.

– Почнуваме со реконструкција на центрите за социјална работа во Демир Хисар и во Крушево, а, исто така, ќе се завршат реконструкцијата и реновирањето и на центрите во Прилеп, Битола, Охрид, Штип и во Гевгелија. Со тоа ќе се финализира и втората фаза, за која се инвестираат 38 милиони денари – рече Спасов.

Тој посочои дека објектот во Демир Хисар е сопственост на Центарот за социјални работи од 1975 година и ова е прв зафат за негово целосно реновирање и реконструкција.

Спасов прецизира дека на објектот ќе се направи термофасада, ќе се сменат вратите и прозорците, ќе се постават нов под и санитарни јазли, нов мебел и опрема, со што, како што рече, ќе се добие нов објект и поквалитетни и современи услови не само за работа, туку и за прием на странките.

Министерот за труд и социјална политика денеска го посети и Центарот за социјална работа во Крушево и го означи почетокот на реконструкција на овој објект.

– Ќе продолжиме со трета фаза на реновирање на центрите за социјална работа преку ИПА-програмата на ЕУ. Очекуваме до средината на оваа година да биде потпишан договор за реновирање на дополнителни 19 центри за социјална работа и со тоа да го затвориме целиот пакет, осносно сите центри да бидат комплетно реновирани и значително модернизирани и подобрени условите за работа – рече Спасов.