Јанкулоска не се чуствува виновна, распитот прекинат оти на судијата му се слоши

Денешното сослушување на осомничените во случајот „Тврдина“, меѓу кои е и поранешната министерка за внатрешни работи, Гордана Јанкулоска, е прекинато затоа што на судијата на претходна постапка не му било добро, поради што интервенираше и екипа на Итната помош, потврдија од судот за „Мета“. Од судот велат дека странките дополнително ќе бидат повикани за продолжување на сослушувањето.

По околу четири часа распит, поранешната министерка Јанкулоска го напушти судот со своите адвокати.

Јанкулоска рече дека сослушувањето е одложено, но не сакаше да ги соопшти причините за тоа и остави за нив да се произнесе судот.

Во врска со случајот „Тврдина“, таа рече дека не се чувствува виновна, а за истрагите на Специјалното јавно обвинителство искоментира дека се дел од политичката агенда на СЈО и дека очекува во наредниот период да има и нови истраги.

– Не се чувствувам виновна ниту по наводите од овој ниту, пак, за претходниот случај на СЈО. Додека бев министер, должноста ја извршував чесно, професионално и во интерес на Република Македонија. Јас очекувам СЈО да отвори случаи затоа што тоа е нивна мисија и тоа е нивна политичка агенда. Не е прашање колку случаи ќе отворите, туку колку и на кој начин ќе ги затворите, а за сето тоа останува судот да одлучи како ќе бидат тие предмети затворени. Јас не сум сторила никакво кривично дело по однос на случаите кои СЈО веќе ги најави со отворање истраги ниту, пак, по кој било друг предмет што може ќе го конструираат – рече Јанкулоска.

Судија на претходна постапка денеска требаше да донесе одлука по барањето на СЈО на осомничените да им бидат одредени мерки на претпазливост. На сослушувањето беа присутни и обвинители од СЈО, кои пред судијата требаше да ги образложат причините поради кои бараат мерки на претпазливост за осомничените.