Груевски: Штом нешто влезе во програмата на ВМРО-ДПМНЕ, тогаш тоа е завршена работа

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, денеска со неколку партиски функционери ги посети селата Бразда, Чучер, Сандево, Мирковци и Кучевиште.

Жителите на селата му се пожалиле на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ дека имаат проблеми со локалниот пат, немаат градинка, ниту, пак, фискултурна сала. Како што пишуваат некои медиуми, жителите на овие села побарале од Груевски нивните барања да бидат запишани во програмата на владејачката партија.

„Ми беше задоволство што можев директно од граѓаните да слушнам за овие проблеми. Интересно е тоа што сите бараат нивните барања да бидат внесени во програмата на ВМРО-ДПМНЕ од причина што знаат дека ако барањата ги ставиме во програмата, тогаш таа работа се исполнува. Задоволство ми е што дојдовме до тој степен луѓето да разберат дека кога нешто ќе влезе во програмата, тогаш тоа е речиси завршена работа“, изјави Груевски.