ЕВН заврши со имплементација на дневната евтина тарифа за сите достапни броила

ЕВН го спроведе планот за прилагодување на броилата, односно заврши со имплементација на дневната евтина тарифа за сите достапни броила.

„Согласно планот, прилагодувањето на броилата се спроведуваше во период од четири отчитувачки недели, почнувајќи од 25 септември до 24 октомври. На екранот на секое прилагодено броило се покажува Т2-индикатор во периодот од 14 до 16 часот секој работен ден и во сабота“, информираат од компанијата.

Од таму додаваат дека и покрај тоа што нивните тимови ги посетиле сите мерни места, потребата од физички контакт на тимовите со броилата го оневозможила спроведувањето на дневната евтина тарифа за недостапните броила.

„Ова значи дека броилата до кои немавме пристап, сè уште не се прилагодени, а тие се најчесто викендички или домови на моментално иселени корисници. „ЕВН Македонија“ во наредните недели ќе продолжи со прилагодување на останатите броила кои беа недостапни, како дополнителен план за спроведување на дневната евтина тарифа“, додаваат од компанијата.