Заев има рок до пладне да се јави кај надлежен судија

Судот во Струмица му даде рок до пладне на лидерот на СДСМ, Зоран Заев, да се јави кај надлежниот судија, а ако тоа не се случи, тогаш ќе биде испратено известување до Основниот суд Скопје 1, кој потоа ќе треба да одреди нова мерка за обезбедување, објави „Плусинфо“.

– Обвинетиот  Заев треба да се јави до 9.30 часот, но судијата во претходна постапка прави толеранција до пладне, има предвид ако обвинетиот некаде патувал или имал некакви објективни причини за доцнење. Ако не се јави дотогаш, ќе се испрати писмено известување до Основниот суд Скопје 1. Како ќе се постапи понатаму, зависи од судот што ја одредил мерката – вели судијката Цона Каламерникова, задолжена за комуникација со медиумите во струмичкиот суд.

Писменото известување се испраќа по пошта, па не може да се каже кога точно ќе стигне до Скопје. Од скопскиот основен суд објаснуваат дека додека не го добијат известувањето, не може да кажат како ќе постапат.

Заев на прес-коференција рече дека веќе нема да се јавува во судот, ниту да доаѓа на закажаните рочишта бидејќи не го признава правосудството како независна власт зашто, според него, е под целосна контрола на Никола Груевски и на неговата фамилија.