Вработените во МИА со трет предупредувачки протест

Вработените во МИА се надеваат дека набрзо ќе има позитивна разрешница на нивното легитимно барање за зголемување на платите

Фото: ССНМ

Вработените во Медиумската информативна агенција (МИА) и денеска излегоа на предупредувачки протест за време на паузата, бидејќи Владата сè уште не одговори на нивното барање за зголемување на платите, информираат од Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници (ССНМ).

„Вработените во МИА имаат серија барања од кои најитно е зголемување на платите за 30 проценти и порамнување со трошоците на живот. Потсетуваме дека МИА е столб на објективно новинарство, што дневно продуцира околу 400 вести на македонски, на албански и на англиски јазик и е главен извор на вести во медиумскиот простор, како во државата, така и во регионот“, стои во соопштението на ССНМ.

Вработените во МИА се надеваат дека набрзо ќе има позитивна разрешница на нивното легитимно барање за зголемување на платите.

Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници оценува дека барањата на вработените во МИА се легитимни и дава целосна поддршка, бидејќи слободата на медиумите и слободата на говорот, па дури и борбата против лажните вести се невозможни ако новинарите и медиумските работници имаат потпросечни плати.