Водовод: акција за отплатување долгови без камата до крајот на месецот

Физичките лица ќе можат да ги исплатат долговите на најмногу 48 рати, а правните лица на најмногу 24 рати

Фото: Image by Manuel Darío Fuentes Hernández from Pixabay

ЈП Водовод и канализација – Скопје соопшти дека до крајот на месецот јули ќе трае акција за отплата на долгови без пресметка на камата.

Акцијата е во тек од 20 јуни и ќе заврши на 31 јули.

„Ги повикуваме сите корисници кои имаат заостанат долг во овој период да аплицираат за склучување на договори за отплата на долговите на најмногу 48 рати за физички лица и 24 рати за правни лица, во зависност од висината на долгот, без пресметка на камата за задоцнето плаќање“, велат од ЈП Водовод и канализација – Скопје.

Дополнително, акцијата не важи за органите на државната и локалната власт, како и другите државни органи основани согласно Уставот и со закон и институциите кои вршат дејности од јавен интерес.