Фото: Арбнора Мемети

Милиони луѓе, вклучително и наши граѓани не ги уживаат универзалните права поради низа структурни нееднаквости и системски неправди, поради говор на омраза, дискриминација, насилство и нетрпеливост кон различностите. Не смееме да бидеме рамнодушни и да игнорираме какво било непочитување на основните човекови права, што може да ескалира во која било форма на насилство. Секој од нас е должен да даде јасна поддршка на активистите и борците за човекови права, ваква порака упати претседателот на државата, Стево Пендаровски по повод 10 Декември – Меѓународниот ден на човековите права.

„Годинава, Меѓународниот ден на човековите права го одбележуваме во време на пандемија на ковид-19, којашто уште повеќе го нагласи значењето на доследното почитување на правата на сите луѓе, без разлика на родот, расата, попреченоста, религијата, политичкото убедување, сексуалната ориентација, националното или социјално потекло, социјалниот или друг статус. Со уште поголема посветеност да се залагаме за заштита на човечкото достоинство, со посебно внимание кон ранливите членови на нашето општество. Човековите права треба да се почитуваат секаде и секогаш, без исклучок“ дециден е претседателот во своето излагање.

По повод овој ден, се обрати и министерката за образование и наука, Мила Царовска која во видео обраќање истакна дека образованието е меѓу најважните човекови права, поради што новата концепција за основно образование ќе се заснова на вредности како почитување на човековите права, толеранција, мултикултурализам и родова еднаквост и ќе создава граѓани кои ги почитуваат и живеат со овие вредности.

„Секое дете мора да има право на образование, квалитетно, навремено, достапно, со еднакви можности, за да прерасне во граѓанин и граѓанка и со моќта на знаењата да постигне личен и општествен развој. Горда сум што и во време на пандемија, во многу тешки услови за децата, родителите и наставниот кадар, овозможуваме наставата да продолжи и да биде достапна за сите ученици. Работиме и успеваме да изградиме инклузивно образование, кое вложува во младите и во науката и ги подготвува учениците за иднината“, рече Царовска.

Од Хелсиншкиот комитет за човекови права во РСМ пак, потсетуваат дека и кај нас, како и во другите земји во светот, пандемијата ги исфрли во прв план системските аномалии и слабости на државите, коишто придонесуваат за зголемување на нееднаквоста и дискриминацијата по различни основи.

„Солидарноста е клучна вредност и на глобално ниво, бидејќи кризата сè уште трае, а нејзиното завршување зависи од меѓународната соработка и поддршка. Затоа, на денешен ден, кога се одбележува усвојувањето на Универзалната декларација за човекови права во 1948 година, мора гласно и одважно да се инсистира на почитување на фундаменталните права, доколку сакаме „новото нормално“ да значи и градење подобар свет“ потенцираат од Хелсиншкиот комитет.

Хелсиншкиот комитет уште на почетокот на кризата предупреди дека човековите права и слободи мора да бидат земени предвид при преземањето мерки за заштита и справување со пандемијата, а дека ранливите групи граѓани мора да бидат заштитени во новонастанатата ситуација.