Владината делегација во Лас Вегас

Со бизнис форумот во Лас Вегас, владината делегација завршува со економската посета на САД

Премиерот Никола Груевски и владината делегација, во петокот се обратија на бизнис-форум кој се одржа во Лас Вегас, САД, каде беа претставени поволностите што ги нуди Македонија за реализација на странски инвестиции.

Груевски пред присутните претставници на компании ги образложи условите за водење бизнис и можностите што им стојат на располагање. Тој посочи дека Владата е целосно насочена кон привлекување инвестиции од различни сфери за поддршка на економскиот развој, и во таа функција е посетата на САД како земја која содржи голем економски и инвеститорски потенцијал. Премиерот изјави дека Македонија има најниски трошоци за правење бизнис споредено со која било друга европска држава.

– Кога во најголем број држави невработеноста растеше, во Македонија невработеноста се намали на 28.2 проценти што е намалување за десет отсто во изминатите неколку години, процент кој е сè уште висок, но трендот на намалување е многу добар – изјави Груевски.

Според Груевски, има голем интерес и доста прашања на презентациите, многу лични контакти по самата презентација, неколку од присутните објавиле доаѓање во Македонија да се информираат подетално, a други, пак, кажале дека ќе инвестираат во Македонија.

На бизнис-форумот беше присутен Ричард Кравфорд, сопственик на компании од нафтената и прехрамбената индустрија, кој позитивно ги оцени условите за инвестирање во Македонија.

Со бизнис-форумот во Лас Вегас, владината делегација предводена од премиерот Груевски завршува со својата економска посета на САД.