Утре МСУ – Скопје започнува со еколошки проект кон зачувување на здравата животна средина

Фото: Музеј на современа уметност – Скопје

Од утре, со работилница во Велес, Музејот на современата уметност – Скопје започнува со реализaција на проектот насловен „Пејзаж на вознемиреност“ (култура и уметност за идното коегзистирање со еколошките кризи и климатски промени).

Проектот, како што велат од МСУ, се однесува на климатските состојби и еколошки предизвици, кои водат кон итни состојби преку екстремните временски услови, губење на биодиверзитетот, уништената животна средина, неконтролирана експлотација на основните ресурси, како водата и воздухот.

Учесниците во работилницата првин ќе одат во посета на неколку значајни локалитети во Велес: Езеро Младост – Како човекот низ просторот и времето го менува и прилагодува релјефот; „Топилница“– Историските и моменталните траги од човечката индустријализација и во Велешки Ади, Градски Парк – Историската и културолошкaта промена на потребата и начините на кој човекот ги искористува природните ресурси.

Потоа, со почеток во 12 часот на пладне ќе се одржи работна сесија во Ликовниот центар на „Народен музеј“ Велес, каде ќе се одржи предавање на тема „Природна и еколошка карта на Велес“, потоа разговор со локален еколошки активист Вила Зора – Велес и на крајот ќе се води дискусија.

Работилницата ќе биде отворена за јавноста. Сите заинтересирани, можат да присуствуваат на предавањата или да земат учество во дискусијата.

Од МСУ истанкаа дека Македонија и земјите од Западен Балкан преставуваат средиште на загадувањето во Европа, пред се, поради застарените фабрики за јаглен, автомобилите, неисправните индустрии и енергетската сиромаштија на населението. Низа фактори кои во континуитет го загадуваат воздухот, водата и севкупниот биодиверзитет на земјата, предизвикуваат негативни влијанија врз животната средина и здравјето на граѓаните.

„Културата е суштинска алатка за генерирање на еколошки ангажмани, истовремено влијаејќи на други меѓусебно поврзани агенди, како што се урбаното планирање, социјалната вклученост и правото на здрава животна средина“, наведоа од МСУ.

Основната цел на проектот е да создаде услови за квалитетна размена на знаења, соработки, едукација и уметничка продукција, преку која уметниците, истражувачите, еколозите, активистите и граѓаните во Македонија ќе се ангажираат во однос на животната средина и климатските промени. Проектот е целосно финансиран од ФООМ (Фондацијата Отворено општество – Македонија).