Уставен суд и Правниот факултет ќе соработуваат со заеднички проекти

Потпишувањето на овој меморандум е првиот чекор кон реализирање на еден од врвните приоритети на претседателот Костадиновски, кој при преземањето на функцијата најави дека ќе се насочи кон тоа, да ја зголеми  соработката и интеракцијата на Уставниот суд и науката, се вели во соопштението на Уставен суд

Правен факултет
Правен факултет „Јустинијан Први“, УКИМ / фото: Мета.мк

Правниот факултет „Јустинијан Први“ и Уставниот суд во Скопје денеска ќе потпишат меморандум за соработка, за да ја зголемат активноста и вклученоста на професорите во делот на уставното право, организирање на програми и проекти. Меморандумот ќе го потпишат претседателот на судот д-р Дарко Костадиновски и деканот проф. д-р Сашо Георгиевски.

„Потпишувањето на овој меморандум е првиот чекор кон реализирање на еден од врвните приоритети на претседателот Костадиновски, кој при преземањето на функцијата најави дека ќе се насочи кон тоа, да ја зголеми соработката и интеракцијата на Уставниот суд и науката“, се вели во соопштението на Уставен суд.

Пред потпишувањето на Меморандумот се одржала работна средба минатата недела во Уставниот суд, на која се дискутирало за можностите за унапредување на соработката помеѓу двете институции.

Со овој чекор се очекува поголема присутност на професори особено во областа на уставното право во секојдневните активности, согласно надлежностите на Судот, како и воспоставување на програми и проекти, работилници и конференции на кои ќе се разменуваат ставови и мислења на важни теми од значење за уставното судство. Се очекува ваквиот договор да донесе бенефит и за двете потписнички страни.